Фото: ЕПА

Фудбалерите на Интер Мајами (САД) го освоија Лига-купот на Северна и Централна Америка, откако на гостински терен, но дури по изведувањето пенали, го победија Нешвил со 10-9. Резултатот во регуларниот дел беше 1-1

ИНТЕР МАЈАМИ СО ИСТОРИСКИ ПРВ ЛИГА-КУП ТРОФЕЈ

Славниот Аргентинец Лионел Меси (36), кој ги брани боите на Интер Мајами, стана најтрофејниот фудбалер на сите времиња, откако неговиот клуб го подигна победничкиот пехар во Лига-купот на Северна и Централна Америка, по триумфот над екипата на Нешвил со 10-9, но дури по изведувањето пенали. Во регуларниот дел резултатот беше 1-1. Меси сега има вкупно 44 освоени трофеи, со што и официјално го надмина поранешниот соиграч во Барселона, Бразилецот Дани Алвеш. Со овој последен трофеј, славната десетка постави уште еден рекорд, со што уште еднаш покажа зошто многумина го сметаат за најдобар фудбалер на сите времиња.
Во финалето одиграно во Нешвил пред повеќе од 30.000 гледачи, феноменалниот Аргентинец постигна еврогол во 23-та минута за водство на својот тим. Фафа Пико израмни во 57-та минута за мечот да стане многу понеизвесен, па по завршувањето на регуларниот дел следуваа удари од 11 метри. Меси го реализира првиот пенал, а неговиот соиграч, голманот Дрејк Календер, прво одбрани два пенала, од кои еден против колегата од спротивниот табор Елиот Паник, а потоа го постигна и победничкиот гол. Интер Мајами веќе можеше да се радува на првиот ваков трофеј во својата клупска историја.
По завршувањето на натпреварот, Меси ги доби пехарите за најдобар играч и стрелец на Лига-купот. Тој постигна вкупно 10 гола и го предводеше својот клуб до посакуваната титула.
Третото место во Лига-купот го освои Филаделфија унион, која убедливо со 3-0 го совлада мексиканскиот клуб Монтереј. Г.И.


Сите трофеи на Меси

НАТПРЕВАР. ТРОФЕИ
Лига-куп 1
Национални првенства 12
Лига на шампиони 4
Копа дел Реј 7
Домашен Супер-куп 9
УЕФА Супер-куп 3
Клупско СП 3
Светско првенство 1
Копа Америка 1
Финалисима 1
Олимпијада 1
СК до 20 г. 1