Со уште една победа Интер Мајами ќе биде прв по регуларниот дел од сезоната во МЛС-лигата, а со три ќе стане рекордер според освоените бодови. Интер никогаш не бил блиску до врвот на табелата (од 2020 година до лани беше од 12-то до 27-то место). „Освојувањето на трофејот за регуларната сезона би било убаво достигнување во историјата на клубот, но на крајот она што сакаме да го освоиме е титулата во МЛС-лигата“, рече Жорди Алба
Постојат неколку начини Лионел Меси и Интер Мајами да го заокружат регуларниот дел од сезоната во американската фудбалска МЛС-лига со нов трофеј и да го добијат стартниот број 1 пред плејофот, кој треба да почне овој месец. Најлесниот пат е победа утре, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП). Интер Мајами гостува кај Колумбус (утре, од 1.45 часот).
Фаворитите за титулата во МЛС-лигата пред сезоната, со состав во кој се Меси, Луис Суарез, Жорди Алба и Серхио Бускетс, се на работ на уште еден трофеј, но и рекорд.
– Ова е одлична можност за нас. Одиме чекор по чекор. Овој тим се изгради чекор по чекор. Па така, утре ќе одиме да победиме и да ја постигнеме таа цел – рече фудбалерот од средниот ред на Интер Мајами, Матиас Рохас.
Ќе биде потребен голем неуспех во последните три натпревари за Интер Мајами да не оди во плејофот како број 1 во генералниот пласман. Трофејот за победник во регуларниот дел од сезоната би бил втор пехар во клупската историја, по титулата во Лига-купот што беше освоена во 2023 година, набрзо откако пристигна Меси и веднаш го претвори клубот во глобален феномен, пишува АП.
Интер Мајами никогаш претходно не бил блиску до врвот на табелата во МЛС-лигата, откако беше 19-ти меѓу 26 екипи во 2020 година, потоа 20-ти меѓу 27 тима во 2021-та, 12-ти од 28 екипи во 2022 година и 27-ми меѓу 29 клуба во минатата сезона.
Годинава се очекуваше да биде целосно поинаква и тоа и се случи. Клубот по првите шест кола имаше три победи, едно реми и два пораза (3-1-2), а потоа оствари резултат од 16-7-2. Тоа е веќе убедливо најдобриот резултат во клупската историја и со три победи во последните три кола од регуларниот дел на сезоната Интер Мајами ќе има најмногу бодови во регуларниот дел од сезоната во историјата на МЛС-лигата, вкупно 74, еден повеќе на Њу Ингланд во 2021 година, пишува АП.
– Кога тим како Интер има 65 бода и ќе загуби само четири натпревари цела сезона и го споредувате со тимови од претходните сезони, треба да ги препознаете сите добри работи што ги постигнавме сезонава – рече тренерот на Интер Мајами, Херардо Мартино.
Првото место, кое носи предност за играње дома во текот на плејофот, ако не биде обезбедено утре, следните два натпревара во лигата на Интер Мајами се во Торонто, в недела, а потоа на домашен терен со Њу Ингланд, на 19 октомври.
– Се надеваме дека ќе победиме против голем тим како Колумбус и ќе влеземе со победнички менталитет. Освојувањето на трофејот за регуларната сезона би било убаво достигнување во историјата на клубот, но на крајот она што сакаме да го освоиме е титулата во МЛС-лигата – изјави Алба. Н.М.