Зад Манчестер сити се наоѓа Челси, трет е Манчестер јунајтед, а потоа следува Ливерпул

ПРЕМИЕР-ЛИГА

Шампионот на Англија, Манчестер сити, за плати на фудбалерите дава неверојатни 355 милиони фунти (околу 420 милиони евра) по сезона, вклучувајќи ги тука и бонусите за освоените титули, според најновите податоци што ги објави Премиер-лигата.
Зад Манчестер сити, кој освои четири шампионски титули во минатите пет сезони во Премиер-лигата и сезонава ќе атакува на третата во низа, се наоѓа Челси со 343 милиони фунти (405 милиони евра), трет е Манчестер јунајтед со 323 милиони фунти и покрај тоа што нема освоено титула во минатите 10 сезони, потоа следува Ливерпул (314 милиони фунти), кој последен пат ја освои титулата во 2019/2020 по 30-годишно чекање. Севернолондонски ривали Арсенал и Тотенхем ја комплетираат првата шесторка. „Топџиите“ им плаќаат 244, а Тотенхем 205 милиони фунти годишно на своите фудбалери.
Претходно годинава, Пеп Гвардиола ги бранеше трошоците на Манчестер сити во изминатата деценија и го спореди клубот со Манчестер јунајтед и со Ливерпул во периодот на нивните славни денови.
– Ливерпул во 70-тите и во 80-тите и Манчестер јунајтед под водство на Алекс Фергусон, исто така, потрошија многу пари, зар не? Не беа тоа Норич или Лестер? – рече Гвардиола.
Менаџерот на Ливерпул, Јирген Клоп, пред неколку години во една пригода ги критикуваше скапите трансфери на Манчестер сити, Манчестер јунајтед и на Челси, но откако и неговиот клуб почна да дава многу пари за играчи, малку ретерираше.
– Сите имаат мислење за тоа, но не сум јас тој да судам за работите што ги прават другите клубови. Она што јас го сакам на фудбалски натпревар не е да ги имам во тимот најдобрите 11 играчи на светот, мислам дека тоа не е добро – вели Клоп.
Л.Д.