Фудбалските репрезентативци на Македонија денеска тренираа на „Хувефарма арена“ во Разград, каде што утре ќе се сретнат со Бугарија (од 18 часот) во новиот циклус од Лигата на нации. Селекторот Благоја Милевски нагласи дека размислува само за спортскиот аспект од утрешниот дуел, при што, според него, најважно е Македонија да се држи до договореното.
– Ние сме спортски работници, размислуваме само за фудбалот и сѐ останато во овој момент не нѐ интересира зaшто може да не дефокусира. Без разлика на тоа што доаѓа од трибините, ние секогаш гордо ја претставуваме Македонија. Најважно е да одиграме максимално и да се држиме до договорот – изјави Милевски на денешната прес-конференција, додавајќи дека ја анализирале Бугарија, која е квалитетна селекција.
Енис Барди ќе ја носи капитенската лента во отсуство на Стефан Ристовски.
– Последен пат кога бев капитен, дадов три гола. Јас често знам да кажам дека сите сме капитени во репрезентацијата, дека имаме многу важни играчи во оваа селекција. Верувам дека ќе стартуваме со успех против Бугарија – порача Барди.
Македонија во второто коло на лигата Ц, групата 4, в недела гостува и кај Гибралтар, а потоа следуваат два меча дома, со Грузија на 9 јуни и со Гибралтар на 12 јуни.