Фото: „Нова Македонија“

Во вечерашниот натпревар Македонија се среќава со Летонија, во Рига. По првите две кола црвено-жолтите водат во групата со четири бода, по три имаат Ерменија и Летонија, а еден Фарските Острови. Македонија досега победи во сите три претходни меча со Летонија (еден пријателски дуел и два во квалификациите за ЕП 2020). Победникот на групата ќе се пласира во лигата Б за следното издание на Лигата на нациите и ќе му се отвори можност за евентуален настап во плејофот за пласман на СП 2026

ФУДБАЛ – ЛИГА НА НАЦИИТЕ, ЛИГА Ц, ВЕЧЕРВА ТРЕТО КОЛО

Македонската фудбалска репрезентација вечерва (од 18 часот) гостува во Рига, Летонија, во натпревар од третото коло на групата 4, лига Ц, во Лигата на нациите, во обид да го задржи стопроцентниот ефект во меѓусебните дуели. Црвено-жолтите досега одиграа три меча со Летонија и победија во сите три, и тоа прво во пријателски меч во 2014 година со 2-1 во Скопје, а потоа двапати во 2019 година, во квалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) што се играше во 2021 година, 3-1 дома и 2-0 на гости. Македонија има стоотстотен ефект со репрезентации со кои одигра повеќе од два меча и со Гибралтар, четири победи на четири средби, со вкупна гол-разлика 12-0.
Репрезентацијата на Летонија има еден настап на европските првенства, во 2004 година во Португалија, а во Лигата на нациите играше во лигата Д во првите три сезони и сезонава првпат е во лигата Ц. Во актуелниот состав има 16 репрезентативци од домашните клубови и осуммина интернационалци. Селектор од годинава е Италијанецот Паоло Николато, кој од 2016 година до лани беше селектор на сите младински репрезентации на Италија од 18 до 21 година.
По првите две кола Македонија води во групата со четири бода, по три имаат Ерменија и Летонија, а еден бод освоија Фарските Острови. Победникот на групата ќе се пласира во лигата Б за следното издание на Лигата на нациите и ќе му се отвори можност за евентуален настап во плејофот за пласман на Светското првенство (СП) во 2026 година, во САД, Канада и во Мексико. По средбата со Летонија македонската репрезентација ќе одигра уште еден меч на гости, в недела, со Ерменија.
Во лигата А, од која најдобрите селекции во четирите групи ќе се натпреваруваат за трофејот, по првите две кола максимален ефект со освоени шест бода имаа Португалија (група 1), Италија (група 2) и Данска (група 4). Лигата на нациите за оваа сезона е реформирана, па, така, воведено е четврт-финале, во кое ќе играат по двете најдобри селекции од секоја група. Згора, третопласираните во лигите А и Б ќе играат мечеви (на гости и дома) за опстанок, против второпласираните репрезентации во групите во лигите Б, односно Ц. Н.М.


ЛИГА Ц, ГРУПА 4, ТРЕТО КОЛО

Летонија – Македонија 18 ч.
Фарски О. – Ерменија 20.45 ч.

ТАБЕЛА
Македонија 2 1 1 0 3-1 4
Ерменија 2 1 0 1 4-3 3
Летонија 2 1 0 1 2-4 3
Фарски О. 2 0 1 1 1-2 1
Четврто коло (недела): Ерменија – Македонија (18 ч.), Фарски
Острови – Летонија (20.45 ч.).