Двата англиски тима, Ливерпул и Манчестер сити, забележаа важни победи, над португалска Бенфика на гости, 3-1, и над шпански Атлетико Мадрид дома со 1-0, во првите два четвртфинални дуела во Лигата на шампионите (ЛШ)
ФУДБАЛ – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ, ЧЕТВРТ-ФИНАЛЕ
Двата англиски тима, Ливерпул и Манчестер сити, забележаа важни победи, над португалска Бенфика на гости, 3-1, и над шпански Атлетико Мадрид дома со 1-0, во првите два четвртфинални дуела во Лигата на шампионите (ЛШ) и се поблиску до пласман во следната полуфинална рунда.
Ливерпул, шесткратниот европски првак, кој ја забележа петтата победа на петте гостувања сезонава, ќе има два гола предност во реваншот следната среда на „Енфилд“, но менаџерот Јирген Клоп вели дека неговиот тим „не е во земјата на соништата“ по важната победа во Лисабон.
– Тешко е да се дојде овде и да се победи на гости во Лигата на шампионите. Ова е како прво полувреме, знаеме многу повеќе за нашиот противник и знаеме дека тој нема да се предаде без голема борба. Го победија Ајакс на гостувањето, ги постигнаа резултатите што им беа потребни во групната фаза. Ние сме свесни за нивите квалитети, но ќе бидеме подготвени за Бенфика и во реваншот – изјави Клоп.
За Ливерпул ова беше седма победа (и едно реми) на последните осум натпревари во ЛШ против португалски клубови. Од друга страна, пак, Бенфика нема забележано победа на последните девет дуели во ЛШ против англиски тимови (две ремија и седум порази). Последната победа Бенфика ја забележа токму против Ливерпул, на гости, 2-0 во, март 2006 година. Бенфика е без победа и на претходните девет меча во четврт-финалето на ЛШ (три ремија и шест порази).
Сенегалецот Садио Мане со 22-та гола стана вториот најдобар стрелец на Ливерпул во ЛШ (од групна фаза до финале), еден повеќе од легендата на „црвените“, Стивен Џерард. Најефикасен е Мохамед Салах со 33 гола. Повеќето голови (13) Мане ги постигна во нокаут-фазата. Играч на натпреварот беше зимското засилување од Порто, Колумбиецот Луис Дијаз, кој даде еден гол и му асистираше на Мане за вториот.
Манчестер сити само еднаш успеа да ја пробие цврстата одбранбена формација на Атлетико, со голот на Кевин де Брујне, за него 11-ти на 50-от натпревар во ЛШ, сите постигнати во нокаут-фазата. За Манчестер Сити ова е прва минималната победа од 1-0 дома по 22 меча, односно од дуелот против Феенорд во 2017 година.
– Тежок натпревар против тежок противник. Беше тешко да се најде простор, но бевме доволно трпеливи. Де Брујне е во најдобрата форма сезонава, постигна исклучителен гол и неговото влијание врз нашата игра е огромно – изјави Пеп Гвардиола, менаџерот на Манчестер сити.