Фото: ЕПА

Европското првенство почнува в петок (финале на 14 јули), Купот на Океанија в сабота (меч за титулата на 30 јуни), а Копа Америка ќе се игра од 21 јуни (дуелот за трофејот е на 15 јули)

ФУДБАЛ

В петок почнува 17-то фудбалско Европско првенство (ЕП), во Германија (Италија ќе ја брани титулата освоена во 2021 година), еден ден подоцна е првиот меч на 11-от Куп на нациите на Океанија што се игра во Вануату и во Фиџи (претходната титула, во 2016 година, ја освои Нов Зеланд), а од 21 јуни во САД ќе се игра 48-та Копа Америка, фудбалскиот шампионат на Јужна Америка (актуелен освојувач на трофејот е Аргентина, од 2021 година).
ЕП 2024 ќе биде отворено со средбата Германија – Шкотска в петок, од 21 часот, на Купот на Океанија прво се игра дуелот Соломонски Острови – Вануату в сабота, од шест часот, а Копа Америка ќе почне со средбата Аргентина – Канада на 21 јуни, од два часот. На Европското првенство средбите почнуваат во 15, 18 и во 21 часот, на Копа Америка се игра од полноќ, од два и од три часот наутро, а на Купот на нациите на Океанија од два, три, шест и од девет часот (по средноевропско време). Своевиден фудбалски маратон, на пример, може да има кога на Европското првенство и на Копа Америка на програмата се четвртфиналињата. Така, на 5 јули од три часот има еден меч на Копа Америка, потоа два дуела на ЕП, од 18 и од 21 часот, следниот ден на Копа Америка има натпревар од три часот, на ЕП од 18 и од 21 часот, а во продолжение на Копа Америка од полноќ и од три часот… Слично е и за полуфиналето.

Финалето на Купот на нациите на Океанија е на 30 јуни од шест часот, мечот за титулата на Европското првенство е на 14 јули од 21 часот, а дуелот за трофејот на Копа Америка е на 15 јули од два часот.
На годинашната Копа Америка ќе играат 10 репрезентации од Јужна Америка и шест од Северна Америка. Во групата А се Аргентина, Чиле, Перу и Канада, во Б се наоѓаат Мексико, Венецуела, Еквадор и Јамајка, во Ц ќе играат САД, Уругвај, Панама и Боливија, а во групата Д ќе се натпреваруваат Бразил, Колумбија, Парагвај и Костарика. Во четврт-финалето меѓу себе ќе играат најдобрите две селекции од групите А и Б, односно од Ц и Д.
Во Океанија континентално првенство се игра по пауза од осум години, откако тоа во 2020 година не се одржа поради пандемијата на коронавирусот. Годинава ќе се игра 11-то издание на Купот на Океанија, а ќе настапат седум репрезентации.
Од другите три континентални првенства, шампионатот на Азија се играше во јануари и во февруари годинава во Катар (титулата ја освои Катар), во тој период на програмата беше и првенството на Африка, во Брегот на Слоновата Коска (трофејот го освои Брегот на Слоновата Коска), а првенството на Северна Америка се одржа лани, во јуни и во јули, во Канада и во САД (првак стана Мексико). Н.М.