Мојата работа е да ги искористам фудбалерите што ги имаме. Таква е ситуацијата. Не можете да го решите проблемот во јануарскиот преоден рок, особено со повредите. Понекогаш може, но обично играте додека момците не се вратат и можете повторно да ги користите. Во нашата најдобра сезона немавме многу повреди, беше поинтензивно, но сега имаме и се справуваме со тоа. Но трансфер-пазарот за нас не е решение, вели Клоп

ФУДБАЛ

Јирген Клоп најави дека нема да има нови трансфери во Ливерпул во јануари, велејќи дека не можат сите проблеми да се решат во јануарскиот трансфер-прозорец, пишува „Скај спорт“. „Црвените“ рано беа активни во зимскиот преоден рок, ангажирајќи го Коди Гакпо кон крајот на декември, но сега се чини малку веројатно дека некој друг ќе го следи холандскиот репрезентативец на стадионот „Енфилд“. Тоа доаѓа и покрај лошата неодамнешна форма од Ливерпул и голем број повреди на клучните играчи, но Клоп инсистира на тоа дека повеќе фудбалери нема да ги решат работите, пишува „Скај спорт“.
– Едноставно ситуацијата е таква каква што е. На крајот, мојата работа е да ги искористам фудбалерите што ги имаме. Немам апсолутно никакви проблеми, но кога ќе почнеме да менуваме, сфаќаме дека напред сега немаме три, четири или пет опции и ако имаме опции, тие се доста млади, што е во ред. Таква е ситуацијата и не можете да ги решите сите проблеми во преодниот рок. Во земјата на соништата купувате играчи, но јас не гледам дека ќе се случи тоа. Не дека имаме толку многу пари и не знаеме што да правиме со нив, туку мислиме „никој не ни треба“. Во овој момент, четворица наши офанзивни играчи се повредени. Тоа е голема сенка над нас, бидејќи не може да се реши во преоден рок. Понекогаш може, но обично играте додека момците не се вратат и можете повторно да ги користите. Во нашата најдобра сезона немавме многу повреди, беше поинтензивно, но сега имаме и се справуваме со тоа. Но трансфер-пазарот не е решение за нас. Ако има нешто таму и некој ми каже, тогаш да, ќе го направиме тоа, но во оваа конкретна ситуација, мислам дека ова нема да се случи – вели Клоп.
Клоп вели дека е сигурен дека Ливерпул може уште еднаш да го најде својот победнички пат.
– Во овој момент не изгледаме како најблескавата ѕвезда, бидејќи не играме баш фудбал како што очекуваат луѓето или како што очекуваме ние. Но имаме добри моменти и мораме да се бориме со ова. Имаме повеќе проблеми од другите тимови во овој момент, работите едноставно се случуваат. Сезоната почна на лош начин, а оттогаш моравме да се справуваме со повреди на одбранбените позиции, имаме криза во средниот ред, а напаѓачите ги нема и не е лесно во моментов. Но, за нас и за мене особено, тоа е работа што треба да ја завршиме. Има милиони начини да се победи на фудбалски натпревар, но треба да се најде само еден. Уште сум убеден дека можеме да го најдеме тоа и тоа е она на што работиме. Но не се споредуваме со нашата најдобра верзија, бидејќи тоа е сосема поинакво и различно време. Во моментов, единственото нешто што треба е да победиме на следниот натпревар. Тоа е сѐ за што треба да бидеме заинтересирани и не можеме да ги решиме проблемите како што го прават тоа другите тимови. Мораме да го направиме тоа на наш начин… и повторно ќе победуваме, сигурен сум – рече Клоп.