Што и да ви е професија, а мене ми е фудбалот, мора да ја сакате. Преокупиран сум на тренинг или дома, ги гледам нашите натпревари, ги гледам натпреварите на ривалите, јас го сакам тоа. А вие добивате подобри резултати кога вашата работа е ваша страст, вели тренерот на Астон Вила, Унаи Емери

Поразот од Стивениџ во англискиот фудбалски ФА-куп беше разочарување за Астон Вила и за нејзиниот нов тренер Унаи Емери, специјалист за купови. Но тоа не го поколеба ставот на симпатизерите на Вила дека нивниот клуб е на подобар пат сега кога Шпанецот го поставува курсот. Емери зборува за „Скај спорт“ за својата страст за работата како тренер, зошто функционираат неговите видеосесии и што мора да се промени во неговиот нов клуб.
Правецот беше поставен со победата над Манчестер јунајтед во неговиот прв натпревар на чело на тимот. Победата над Тотенхем го истакна подобрувањето. Во тој контекст, Стивениџ беше чекор назад, но беше и лекција.
– Секој натпревар ни дава информации. Сакам да изградам тим и ќе учам гледајќи како ќе реагираат. Учиме од победничките натпревари и ќе учиме од поразите. Но тешко е да се ужива кога губиш – изјави Емери за „Скај спорт“.
Тој вели дека животот во моментов го носи од тренинг-центарот до хотелот и до стадионот. Тој е тука да работи. Но тоа отсекогаш било така со Емери.

– Тој е опседнат со фудбалот – изјави Хоакин, неговиот играч во Валенсија. „Тој е фудбалска енциклопедија“, рече плејмејкерот Етјен Капуе. Покажувајќи ги овие цитати на Емери не се чита гордост, само поглед што е некаде помеѓу виновен и засрамен, пишува „Скај спорт“. Дали е тој повеќе опседнат од другите тренери?
– Можеби. Што и да ви е професија, а мене ми е фудбалот, мора да ја сакате. Преокупиран сум на тренинг или дома, ги гледам нашите натпревари, ги гледам натпреварите на ривалите, јас го сакам тоа. А вие добивате подобри резултати кога вашата работа е ваша страст. Сакам да одам на вечера и да зборувам за други работи. Но фокусот е на фудбалот дури и со семејството и со пријателите. Ова е многу добра работа. Ние сме привилегирани луѓе. Но ако сакам да ја задржам мојата работа на високо ниво, тогаш мојот единствен избор е да го ставам фудбалот во центарот на мојот живот – вели Емери.
Повторувајќи го ставот на Дани Парехо, кој работеше со него во Валенсија, а потоа многу години подоцна во Вилјареал, Емери верува дека сега е подобар тренер.
– Откако ја напуштив Валенсија, четири пати ја освоив Лига Европа. Тоа е големо искуство. Многу натпреварувачки моменти – вели тој.
Сепак, не сите од нив биле толку позитивни. Тој го дава примерот на својот најнеславен пораз. Во 2017 година, Барселона постигна три доцни гола за да го победи неговиот ПСЖ со 6-1 во Лигата на шампионите и ја надмина негативата од четири гола од првиот натпревар.

– Дури и тоа искуство ми помогна да се подобрам. Позрел сум на различни начини за подобро да ги разберам играчите, подобро да останам смирен. Сакам денеска да бидам подобар од вчера, а утре подобар од денеска. Тоа е мојата цел секој ден – рече Емери.
Видеоанализата беше визит-карта на Емери како тренер уште од деновите кога со Алмерија се пласира во Ла лига. Тој се гордее со тоа што неговите тимови се подобро подготвени. „Емери постави толку многу видеа што останав без пуканки“, рече Хоакин. Сесиите остануваат долги, веќе потврди Оли Воткинс. Но, ова е тим на кој му беа потребни повеќе информации.
– Анализата ми е многу важна. Поминувам многу време сам, за да ги анализирам видеата. Потоа можам да го намалам времето со играчите. Но, дури и за нив, мислам дека е важно да сме заедно час-час и половина во зборување за натпреварите и во зборување со нив поединечно. Го правиме тоа за да го намалиме количеството на работа што треба да ја завршат на теренот со своите соиграчи. Ги гледаме спецификите на нивните индивидуални позиции за секој играч да ги знае своите задачи во тимот. Со помош на тренерите, мислам дека ова е начинот. Ова беше мојата методологија во различни земји со различни тимови и со различни играчи. Морам да ја користам оваа методологија. Ова е моја работа. Тоа е причината зошто сум тука. Со секој играч ја користиме, тие ја прифаќаат и тие напредуваат поради тоа. Овие детали се многу важни. Само еден детаљ може да го промени резултатот. Има многу такви за 90 минути и колку повеќе можете да контролирате, толку подобро, бидејќи и противникот работи на тие детали. Тоа е фудбалот. Тоа е голем бизнис и е многу конкурентен. Работата е или вие или тие – објаснува Емери.