Со овој триумф, Македонија има максимален ефект од две победи, колку и Норвешка, додека Данска и Словачка имаат по два пораза. Претквалификациите продолжуваат во ноември, кога во Скопје ќе гостува Норвешка

КОШАРКА – МАКЕДОНИЈА ЈА СОВЛАДА И СЛОВАЧКА ВО ПРЕТКВАЛИФИКАЦИИТЕ ЗА ЕП 2025

Македонската машка кошаркарска репрезентација, предводена од селекторот Александар Јончевски, ја забележа и втората победа во групата Д, во рамките на претквалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2025 година. Во СРЦ „Кале“ во Скопје, потешко од очекувањата, беше поразена селекцијата на Словачка, со 79-75 (19-26, 21-20, 19-17, 20-12), иако гостите го добија првото полувреме со 46-40. Сепак, решавачка беше последната четвртина, кога црвено-жолтите успеаја да го „скршат“ отпорот на гостите. Со овој триумф, Македонија има максимален ефект од две победи, колку и Норвешка, додека Данска и Словачка имаат по два пораза. Претквалификациите продолжуваат во ноември, кога во Скопје ќе гостува Норвешка, додека во вториот натпревар ќе играат Словачка и Данска.
– Словачка, без разлика што имаше загубено дома од Норвешка, влезе многу мотивирана против нас. Погодија 46 отсто за три поени. Пробавме да ја смениме одбраната на полувремето, нешто потоа функционираше, ама не во целосна слика. Нешто што го договаравме да го спроведеме со Данска беше токму да го минимизираме бројот на загубени топки, но не успеавме, загубивме девет до полувремето, а тоа нè чинеше многу примени поени од транзиција. Им честитам на момците што во овој циклус дојдоа до две многу значајни победи, во ситуација во која од четири репрезентации, само една оди понатаму. Среќен сум што победивме, меѓутоа работата не е завршена, оти и Норвешка е со ист статус како нас. Ни претстојат уште два тешки циклуса до крајот на претквалификациите – објективен е македонскиот селектор Јончевски.

Свој придонес во докрај неизвесниот меч и победата над Словачка, освен најефикасниот Ненад Димитријевиќ со 20 поени, Војдан Стојановски (15), Стојан Ѓуроски (12), имаше и младиот „двометраш“ Андреј Јакимовски (21), кој уфрли 15 коша, особено значајни кога се „кршеше“ резултатот во финишот на средбата.
– На почетокот немавме доволно добра комуникација во играта, особено во одбраната, а дополнителни проблеми ни зададе противничкиот висок процент на реализација, особено шутот од далечина. На полувремето ја сменивме одбраната, јас играв на позицијата „четири“, а тоа дејствуваше многу добро во одредени моменти од натпреварот. Сепак во финишот, кога требаше, погодувавме јас, Димитријевиќ и Стојановски и дојдовме до она што го баравме во поголем дел од средбата. Поведовме, а кога веќе стигнавме до драгоцената предност, не ја испуштивме до крајот. Забележавме уште една многу битна победа, која ни дава можност да завршиме како први во групата и да одиме понатаму во овие евроквалификации – вели Јакимовски.
Во вториот натпревар од оваа група, Норвешка убедливо ја совлада на свој терен Данска, со 99-75, и засега е прва на табелата, со најдобра кош-разлика по двете средби (плус 43), додека Македонија има плус седум. Само првопласираната репрезентација од секоја група ќе оди понатаму во квалификациите за ЕП во 2025 година, додека преостанатите три што нема да успеат да бидат први во групите, ќе имаат дополнителна шанса да ја остварат поставената цел.

Г.И.


Група Д, резултати

Македонија – Словачка 79-75
Норвешка – Данска 99-75
ТАБЕЛА
Норвешка 2 2 0 4
Македонија 2 2 0 4
Данска 2 0 2 2
Словачка 2 0 2 2
Двојки 3. коло (10 ноември)
Македонија – Норвешка, Словачка – Данска.