Имаме добар тим, се надевам дека ќе немаме поголеми проблеми со повредите и очекувам дека повторно ќе имаме одлична сезона, вели Ван Дајк, пред саботниот прв меч во сезоната, со Манчестер сити во „Комјунити шилд“
ФУДБАЛ – ВИРЏИЛ ВАН ДАЈК, ДЕФАНЗИВЕЦ НА ЛИВЕРПУЛ
Центархалфот на Ливерпул, Холанѓанецот Вирџил ван Дајк, прифаќа дека неговите настапи секогаш ќе бидат „под лупа“ по сериозната повреда на коленото пред две сезони, но тој во новата сезона влегува од подобра позиција отколку пред 12 месеци. Во минатото лето, Ван Дајк ја заокружи рехабилитацијата по операцијата, поради која беше 10 месеци надвор од терените, а неговата општа подготвеност уште беше во прашање. Но тој не само што го одигра воведниот дуел на сезоната туку беше стартер на 51 од 63-те меча на Ливерпул, а потоа беше избран во најдобриот тим на сезоната. Сега тој е концентриран само на постигнување врвна физичка форма, пред саботниот натпревар „Комјунити шилд“ со шампионот Манчестер сити, во Лестер.
– И понатаму ќе бидам под микроскоп. Тоа е во ред, тоа е нешто што сам го создадов. Поинакво е чувството претсезонава. Лани, враќајќи се од повредата, се обидував да си го олеснам патот назад. Сега се трудам што побрзо да дојдам во оптимална форма. Претсезоната е кратка, ни претстои важен меч, но се познавам, го знам моето тело и знам што треба да направам за да бидам подготвен – вели Ван Дајк во интервју за интернет-страницата на Ливерпул.
Лани Ливерпул го одигра секој можен натпревар во сите конкуренции. Ван Дајк вели дека планот е пак да се атакува на сите титули (Ливерпул победи во Лига-купот и во ФА-купот).
– Сите бевме разочарани на крајот, бевме толку блиску, но, сепак, недоволно за освојувањето на другите два трофеја. Ја почнуваме сезоната, како и секоја друга, обидувајќи се да победиме на секој натпревар, нема да биде поинаку и сега. Ќе се обидеме, иако знаеме дека ќе биде тешко. Имаме добар тим во моментов, се надевам дека ќе немаме поголеми проблеми со повреди и верувам дека ќе имаме одлична сезона – рече Ван Дајк.
Менаџерот Јирген Клоп во поголемиот дел од сезоната го имаше луксузот да избира двајца за задната одбранбена линија меѓу Ван Дајк, Ибрахима Конате, Жоел Матип и Џо Гомез. Секој од тој квартет е близок пријател со другите, фактор што се покажува како исклучително корисен за тимот на теренот.
– Посебно е чувството да ги имате овие момци околу себе и како партнери на теренот, со врвни способности. Одлично се дополнуваме. Нашиот меѓусебен однос е многу битен, уживаме во напорната работа и сите имаме иста цел, да победуваме. Кој и да игра, си помагаме на секој меч. Тоа е клучот за успехот, се надеваме дека ќе продолжиме така – вели Ван Дајк.
Неодамна Гомез го продолжи договорот, а таа одлука следуваше откако разговараше и со Ван Дајк. Младиот француски репрезентативец Конате (23), пак, лани пристигна како засилување во одбраната и доби многу пофалби за одиграните 29 меча. Тој е уште еден играч со кој Ван Дајк брзо се спријатели.
– Да, разговаравме пред да го потпише договорот и јас сум многу среќен што Гомез останува во клубот, што останува со мене. Според моето мислење, тој е еден од најдобрите англиски центархалфови. Конате е многу, многу добар. Она што најмногу ми се допаѓа е волјата да учи секој ден. Очигледно има многу работи што може да ги подобри, но за тоа треба време, му треба искуство. Искуството е голема работа за центархалф. Јас сум многу среќен што го гледам како се развива, како блеска на теренот и надвор од него, тој е фантастичен лик. Но тоа можам да го кажам и за другите двајца, за Гомез и за Матип. Благословени сме како клуб, а и јас што ги имам околу себе – вели Ван Дајк. Л.Д.