ФУДБАЛ – ЗА СП 2026
На официјалната интернет-страница на ФИФА се вели дека информациите за билетите „ќе бидат достапни во скоро време“ и „ве молиме редовно проверувајте ја оваа страница за дополнителни ажурирања“
Светската фудбалска федерација (ФИФА) пред неколку дена ги објави 16-те града домаќини на Светското првенство (СП) во 2026 година, кое ќе се одржи во САД, Мексико и во Канада. Станува збор за 11 американски града, и тоа Атланта, Бостон, Далас, Хјустон, Канзас Сити, Лос Анџелес, Мајами, Њујорк/Њу Џерси, Филаделфија, Сан Франциско и Сиетл, во Мексико се три, Гвадалахара, Мексико Сити и Монтереј, а во Канада два, Торонто и Ванкувер.
Иако до тоа СП остануваат уште четири години, американските медиуми почнаа со калкулации за цените на билетите за СП 2026, за тоа кога ќе бидат пуштени во продажба и кога и како ќе можат да се купуваат. На официјалната интернет-страница на ФИФА се вели дека информациите за билетите „ќе бидат достапни во скоро време“ и „ве молиме редовно проверувајте ја оваа страница за дополнителни ажурирања“, објави „Ен-би-си спорт“.
Засега нема никакви детали за цените на билетите за СП 2026, но за да има каква-таква проекција колку би чинеле, за споредба се земаат цените на билетите за годинашното СП во Катар. Билетите за СП 2022 се продаваа исклучиво преку ФИФА во неколку фази и уште се во тек. Досега имаше две лотарии за апликации за билети и еден продажен период според принципот „кој прв дојде, прв ќе биде услужен“.
Остануваат уште два продажни периода според тој принцип. Постојат четири категории билети, од кои категоријата еден е најскапа, а категоријата четири најевтина. Цените на еден билет за секоја фаза од натпреварите на СП 2022 се следните (од четврта до прва категорија): за натпреварот на отворањето на СП од 54,85 до 301,68 долар, групна фаза од 10,97 до 219,40, осминафинале од 19,20 до 274,26, четврт-финале од 82,28 до 425,10, полуфинале од 137,13 до 954,41, натпревар за трето место од 82,28 до 425,10, финале од 205,69 до 1.604,39 долари, а за споредба, цените на билетите за финалето на СП 2018 во Русија се движеа од 455 до 1.100 долари, пишува „Ен-би-си спорт“.