Мундијалот во 2026 година ќе се игра на 11 стадиони во САД, три во Мексико и два во Канада, и секој од нив досега беше домаќин на некои големи фудбалски моменти, пишува ФИФА
Рекорден број стадиони, вкупно 16, ќе бидат домаќини на фудбалското Светско првенство (СП) во 2026 година, и тоа 11 во САД, три во Мексико и два во Канада. Од стадиони изградени пред слетувањето на „Аполо 11“ на Месечината, до оние што беа отворени оваа деценија, секој од нив досега беше домаќин на некои големи фудбалски моменти, пишува Светската фудбалска федерација (ФИФА) на својата интернет-страница.
- Ванкувер: Финалето на СП 2015 за фудбалерки се играше во Ванкувер, во меч во кој САД ја победи Јапонија со 5-2, а Карли Лојд постигна хет-трик за 14 минути, комплетиран со лоб од половина терен, пишува ФИФА.
- Торонто: Откако не играше на СП од 1986 година, импресивниот квалификациски циклус на Канада за пласман на СП 2022 се заокружи со дуел со Јамајка на стадионот во Торонто. Знаејќи дека победата ќе им го обезбеди билетот за СП, тимот на Џон Хердман славеше со 4-0.
- Мексико Сити: Додека стадионот „Ацтека“ е единствен домаќин на две пулсирачки финалиња на СП, во 1970 и во 1986 година, можеби нејзиниот најиконски момент се случи во четврт-финалето на вториот турнир. Диего Марадона, откако веќе го постигна познатиот гол „Божја рака“, ја прими топката во својата половина, помина пет играчи на Англија и го постигна погодокот што стана познат како „гол на векот“, пишува ФИФА.
- Гвадалахара: На СП 2011 за фудбалери до 17 години, Гвадалахара беше домаќин на голгетерската брилијантност на Сулејман Кулибали од Брегот на Слоновата Коска. На три натпревари од групата Ф тој постигна рекордни осум гола, вклучувајќи и четири на дуелот со Данска и хет-трик на натпреварот со Бразил, на патот до „златната копачка“.
- Монтереј: Монтереј беше домаќин на седум натпревари на првенството на Северна Америка во 2022 година, вклучувајќи го и дуелот Јамајка – Хаити, кој одредуваше кој ќе се пласира на СП 2023 за фудбалерки. Јамајка победи и вторпат во низа се пласира на СП.
- Атланта: По формирањето во 2014 година, Атланта јунајтед ја почна својата трка по титулата, на клубот му требаа само четири години за да стигне до финалето, во кое го совлада Портланд со 2-0 пред 73.019 гледачи, што беше нов рекорд за посетеност на еден натпревар во американската МЛС-лига.
- Бостон: На СП 2003 за фудбалерки првпат настапи легендарната Марта. Откако веќе постигна два гола во дебито на СП, Бразилката го постигна првиот од шесте гола во нокаут-фазата, од пенал на дуелот со Шведска во Бостон.
- Далас: Во 2013 година, репрезентацијата на САД првпат се упати кон стадионот во Далас за полуфиналниот натпревар со Хондурас на првенството на Северна Америка. Во потрага по прва титула од 2007 година, двата гола на Лендон Донован им помогнаа на САД да победат со 3-1.
- Хјустон: Копа Америка Сентенарио во 2016 година, кој ја прослави 100-годишнината од турнирот, се одржа во САД, а полуфиналето Аргентина – САД се играше во Хјустон. Аргентина победи со 4-0, а Лионел Меси го постигна својот 55-ти репрезентативен гол со кој го надмина вкупниот број голови на Габриел Батистута и стана најдобар стрелец на Аргентина на сите времиња.
- Канзас Сити: Додека стадионот во Канзас Сити е попознат по бурната публика за мечеви во американски фудбал во НФЛ-лигата, репрезентацијата на САД таму настапи во клучниот дуел од квалификациите за СП 2002 со Костарика. Доцниот гол на Џошуа Волф се покажа доволен за да се обезбеди клучна победа со 1-0 за пласман на Мундијалот во Јужна Кореја и во Јапонија.
- Лос Анџелес: Откако претрпе пораз во продолжението во финалето на првенството на Северна Америка во 2021 година на мечот со САД, Мексико не дозволи уште една титула да се лизне на стадионот во Лос Анџелес две години подоцна. Пред полн стадион, Сантијаго Хименез се проби во 88. минута и постигна одличен гол и му ја обезбеди рекордната деветта титула на Мексико.
- Мајами: Меѓународниот куп на шампионите во 2017 година ги собра најдобрите светски тимови на претсезонски турнир, на стадионот во Мајами. Еден од нив беше трилерот Ел класико помеѓу Реал Мадрид и Барселона, само втор меч што се играше надвор од Шпанија, кој заврши со 3-2 за Барселона.
- Њу Џерси: Во 2016 година, стадионот во Њу Џерси беше избран за домаќин на финалето на Копа Америка Сентенарио. На вториот последователен турнир, Чиле ја победи Аргентина на пенали.
- Филаделфија: За време на СП 2003 за фудбалерки, на кое Марта и Кристин Синклер се претставија пред светската публика, една легенда се збогуваше. Миа Хам, победничка на СП 1991 и на СП 1999, ги постигна своите последни голови на мундијалите на стадионот во Филаделфија, пишува ФИФА.
- Сан Франциско: Стадионот во Сан Франциско беше избран да биде домаќин на првиот натпревар на Копа Америка Сентенарио, САД – Колумбија, прв натпревар на турнирот што првпат се одигра надвор од Јужна Америка. Повеќе од 60.000 луѓе ја видоа победата на Колумбија со 2-0.
- Сиетл: Откако стигна до финалето на Лигата на шампионите на Северна Америка и ремизира 2-2 со Пумас во првиот меч, Сиетл се врати дома за натпревар што нивните навивачи никогаш нема да го заборават. Сиетл победи со 3-0 за првиот континентален трофеј во историјата и да стане првата екипа од САД што настапила на Светското клупско првенство, пишува ФИФА. Н.М.