Потреба за одмазда – наместо дух на пријателство

За разлика од Елисејскиот договор, договорите од Преспа и од Скопје не се правени во духот на меѓусебното помирување, пријателство, разбирање, соработка и блискост. Тие во основа содржат елементи на капитулација од македонска страна, како да е Македонија поразена во Втората светска или во некоја друга војна, та сега мора да плаќа политички репарации

Француско-германското помирување и македонските договори со Бугарија и со Грција

„Француско-германското помирување е пример за тоа како можат да се надвладеат непријателствата и омразата – доколку, секако, постои волја“. Оваа реченица во ваква или во нијанси изменета форма често беше земана и како поттекст за оправдување на прифаќањето на преговарачката рамка меѓу Македонија и Европската Унија. Таа беше посочувана како пример што може да послужи во односите меѓу Македонија и Бугарија по потпишувањето на Договорот за пријателство и соработка од 2017 годинa, како и за Преспанската спогодба со Грција од 2018 година. Тоа „западно“ помирување го спомнуваа повеќемина странски амбасадори и домашни аналитичари и новинари, очигледно користејќи само фрази без да сакаат да ја откријат суштината на целиот германско-француски договор, таканаречен Елисејски договор, склучен во Париз во 1963 година.
Но, ако се погледне кон хрониката на германско-француските односи, споредбите што беа правени, всушност беа подметнување кукавичино јајце под македонската страна. Македонската влада, за жал, како обврска си презеде таквото јајце да го инкубира несвесна во каков лавиринт влегува. Елисејскиот договор не е договор на диктати, не е на штета на ниту една страна. Во него нема апсолутно ништо од она што како ултиматум ѝ се наметнува на Македонија.

Крај на војните – почеток на пријателство

Германија и Франција пред десетина дена ја одбележија шеесет и првата годишнина од потпишувањето на договорот. Со него започна новата ера од повоената историја, бидејќи двете влади тогаш ги поставија како приоритетни прашањата што се однесуваат на надворешната политика и безбедноста вооппшто во Европа и во светот. Потпишувањето на договорот значеше крај на долгата и крвава историја на војни и омраза меѓу двата народа и почеток на соработка во областа на одбраната, индустријата и образованието.
Германско-француското помирување дојде по долга историја на меѓусебни војни. Во 1871 година, по брзиот триумф над француската војска, прускиот крал Вилхелм Први во Версај се прогласи за цар. Пограничното подрачје Елсас Лонтринген тогаш припадна во составот на германското царство. Тоа беше и почеток на т.н. „наследно непријателство“ меѓу двете држави. Германците и Французите потоа водеа неколку војни, вклучувајќи ја и Втората светска војна. Но денес двете држави важат за промотори на разбирањето и соработката, иако и тие поминуваат низ фази на заладување и затоплување по одредени прашања.

Доверба, а не одмазда

Многубројните војни за време на историјата оставија длабоки рани на двете страни. Долго време односите меѓу двете држави ги карактеризираа меѓусебно непријателство и недоверба. Се чинеше дека на маѓепсаниот круг му нема крај – триумфите на едната секогаш беа пораз за другата страна, кај која секогаш се раѓаше желба за одмазда.
Во годините по Втората светска војна постепено созреваше уверувањето дека вековното непријателство мора да запре. Двајцата политичари од иста генерација, францускиот претседател Шарл де Гол и германскиот канцелар Конрад Аденауер, кои во младоста војуваа еден против друг, дојдоа до сознание дека иднината на нивните земји е во единствена Европа.
Во 1951 година е потпишан Договорот од Париз (формално познат како Договор за основање на Европската заедница за јаглен и челик). Тој беше потпишан на 18 април 1951 помеѓу Франција, Западна Германија, Италија и трите земји од Бенелукс (Белгија, Луксембург и Холандија), што беше основа за создавање на Европската Унија.
Германско-француското помирување започна со посетата на претседателот Шарл де Гол на Германија во септември 1962 година. Де Гол посети неколку германски града и секаде беше дочекан со воодушевување. Францускиот претседател на германски јазик извикуваше:,,Да живее нашето германско-француско пријателство“! Во Бон извикнал: „Да живеат Бон, Германија и германско-француското пријателство“. Оваа реченица од обраќањето на Де Гол беше признание дека му се става крај на долгогодишното непријателство меѓу двете земји.

Французинот Де Гол поздравуваше на германски

„Јас ви честитам на тоа што сте млади Германци, значи деца на големиот народ. Да, големиот народ, кој во својата историја направи големи грешки, но и народ што на светот му подари големи духовни, научни, уметнички и филозофски вредности“.
Кога со овие зборови францускиот претседател во септември 1962 година им се обрати на германските студенти собрани во Лудвигсбург, изненадувањето беше исто толку големо колку и воодушевувањето. На присутните на нивниот јазик им се обрати францускиот генерал што во двете светски војни се бореше против Германците. Тоа беше знак за доаѓањето на новото време.
На 22 јануари 1963 година, во салонот „Мурат“ во Елисејската палата, седиштето на францускиот претседател, Шарл де Гол и Конрад Аденауер потпишаа договор за германско-француска соработка, со што фактички беше прогласено помирувањето. Иако документот немаше обврзувачки карактер, тој беше основа и патоказ за натамошниот развој на односите меѓу двете соседни земји. Канцеларот Аденауер на прес-конференцијата по потпишувањето на договорот, на француски јазик нагласи: „Без овој договор нема европско единство. Методите со текот на времето може да се менуваат, но притоа најважно е да не се изгуби довербата од пријателите“.
Аденауер имаше 87 години, а де Гол 72. Двајца старци ја одредија судбината на младите во Европа. Денес, 79 години по Втората светска војна и 61 година по потпишувањето на Елисејскиот договор, е воспоставена тесна соработка меѓу двете држави на сите полиња – политика, економија, култура. Многубројни се и контактите и пријателствата меѓу обичните луѓе. Во рамките на многубројните посети и заедничките проекти за запознавање на соседите соработуваа над седум милиони млади од двете земји.

Република Македонија како поразена страна

Договорот меѓу Македонија и Бугарија го потпишаа од македонска страна Зоран Заев, кој тогаш имаше 42 години, и Бојко Борисов, кој имаше 58 години. Преговарачката рамка ја договараа Димитар Ковачевски, роден во 1974 година, и Кирил Петков од бугарска страна, роден во 1980 година. Творци на германско-францускиот договор беа двајца воени ветерани, а на македонско-бугарскиот двајца неискусни од македонска страна и искусен и итар политичар од бугарска. И Алексис Ципрас, еден од креаторите на Преспанскиот договор, имаше 42 години.
За разлика од Елисејскиот договор, договорите од Преспа и од Скопје не се правени во духот на меѓусебното помирување, пријателство, разбирање, соработка и блискост. Тие во основа содржат елементи на капитулација од македонска страна, како да е Македонија поразена во Втората светска или во некоја друга војна, та сега мора да плаќа политички репарации. Германците и Французите не си „чачкаа“ во историјата, едните од другите не бараа ревизија и условувања од типот или-или. Нема отворени прашања од историјата, нема од минатото, нема барања за име, за националност, за промена на националниот опис, на лични документи, за сообраќајни регистрации, нема ултимативни датуми. Нема прашања за признавање на јазикот и писмото, за дијалекти и локализми. Тој е договор за пријателство, а не за одмазда.

Ни збор како извинување или каење

Во македонскиот случај, ниту Бојко ниту кој било друг официоз од Бугарија не спомна македонски народ, македонски јазик, јавна тајна е дека не ги признаваат. Дури и по потпишувањето на договорот, во бугарското Народно собрание е донесена декларација со која тоа негирање е официјално потврдено. Иако Бугарија четири години како окупатор владееше со Македонија, бугарските официјални лица сѐ уште немаат покажано волја да кажат барем збор за извинување. И Ципрас, покрај лицемерните изјави за пријателство и блискост, ја следеше таа линија на национално негирање на Македонците.
А пропо, во Македонија од неколкумина политичари, аналитичари и новинари има раширено една крајно идиотска фраза, која вели дека договорите со Грција и со Бугарија биле добри затоа што ниту една од страните не е задоволна од нив. Можеби тој идиотизам е причина сега секој да чека во своите ровови до следниот напад, до следната офанзива.