Настанот во НУ библиотека „Григор Прличев“ од Охрид во рамките на традиционалната манифестација „Прличеви беседи“, годинава беше во знакот на одбележувањето на 130-годишнината од објавувањето на неговата „Автобиографија“. „Охридската визита“ започна со изведбата на неповторливата „1762 лето“ во инструментална изведба на КУД „Ѓердан од бисери“, а извадоци од Прличевата „Автобиографија“ читаше Даријан Ангелоски. Беседа за Прличев под наслов „Григор Прличев – метонимија на македонската гордост и страдање“ одржа Елизабета Шелева.
– Од една страна, Прличев беше доволно умен, образован, даровит – за да може (повеќе од сите околу себе) во срж да ги согледа и непогрешливо да ги разлачи и докосне нештата во светот и околу себе, а потоа (по налог на својот личен комфор и мир) – пресметано да ги одмолчи и премолчи видените гадости и сторените туѓи неправди. Од друга страна, Прличев беше фрлен во вителот на балканските проклетства, социоекономски и културни асиметрии – кои НЕ му дозволија чесно и заслужено да ужива во плодовите на својот труд и талент, ами докрај да се јадосува и однатре да се премерува со остриот сатар на сопствената заповед (на прочуената негова максима) „Совршенство или смрт“ – вели Шелева во беседата.
Младата студентка Алма Шемо од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, по потекло од Охрид е годинашна добитничка на ласкавата награда за најдобра беседа на распишаниот конкурс од страна на охридската библиотека под наслов: „Како против пизмата?“. Реч за наградената беседа одржа професорката Татјана Дурнева, претседателка на конкурсната комисија, а Шемо прочита извадок од беседата. Свое обраќање на визитата во улога на домаќин имаше и директорот на библиотеката, Милчо Јованоски, кој пред присутните направи кус пресек на достигнувањата на установата меѓу двете одбележувања на патронатот.