ФУДБАЛ
Сите треба да се грижиме за него, би сакал да работи со истата понизност и да ги држи нозете на земја, да продолжи да учи, рече за Јамал селекторот на Шпанија, Де ла Фуенте. Помина само една година откако го направи чекорот од академија до прва екипа, само две откако од категоријата до 16 премина во таа до 19 години, а сега, со голот на дуелот со Франција, тој е најмладиот играч што некогаш постигнал гол на ЕП, тој е на првото место според асистенциите и создадените шанси и е во првите 10 според шутеви и дриблинзи, пишува „Скај спорт“
Често на европските првенства (ЕП) се постигнува гол што го издржува тестот на времето, се памети, се репродуцира и се зборува со децении, како волејот на Марко ван Бастен на ЕП 1988, индивидуалната акција и гол на Пол Гаскојн на ЕП 1996, лобот на Карел Поборски на истиот турнир, а на списокот може да се додаде и погодокот на Ламин Јамал во победата на Шпанија во полуфиналето со Франција, со 2-1, на ЕП 2024, пишува „Би-би-си“. При водство на Франција со 1-0, Јамал изведе брилијантен удар од надвор од шеснаесетникот во горниот агол. Со 16 години и 362 дена тој стана најмладиот што постигнал гол во историјата на ЕП.
– Се роди суперѕвезда – изјави поранешниот англиски напаѓач Гери Линекер за „Би-би-си“. „Просто неверојатно“, додаде поранешниот англиски напаѓач Алан Ширер.
Голот беше уште поимпресивен поради моментот кога беше постигнат. Тоа беше кога Шпанија заостануваше за еден гол во полуфинале на еден голем турнир, тоа беше момент под висок притисок, но тој се справи без напор, пишува „Би-би-си“. Јамал во ниту една фаза пред натпреварот не покажа знаци на нервоза, се смешкаше и се шегуваше со своите соиграчи на теренот пред почетокот на натпреварот, а таа самодоверба ја пренесе во својот настап.
– Видовме допир на генијалност. Сите треба да се грижиме за него, би сакал да работи со истата понизност и да ги држи нозете на земја, да продолжи да учи – рече селекторот на Шпанија, Луис де ла Фуенте.
Ла Масија
Неговите извонредни настапи на групната сцена се проследени со уште подобри во нокаут-фазата. Се чини речиси неверојатно дека тој уште има само 16 години. Тој веќе е најмладиот играч и стрелец во историјата на Барселона, сега урива рекорди и на меѓународно ниво. Неговиот гол против Франција го направи најмладиот играч што некогаш постигнал гол на ЕП. Тој е на првото место на турнирот според асистенциите, со три, ниту еден играч нема создадено повеќе шанси или големи шанси и е во првите 10 според шутеви и дриблинзи, пишува „Скај спорт“. На иста возраст, на која Јамал забележа 51 сениорски настап за Барселона и има 13 натпревари за Шпанија, од кои шест на голем турнир, на пример, Лионел Меси допрва требаше да го направи своето натпреварувачко сениорско деби, па останува да се види дали ова младо крило ќе биде блиску до извонредните достигнувања на Аргентинецот во играта, но, не може да има сомнеж за степенот на неговиот талент, ниту за обемот на неговиот потенцијал, пишува „Скај спорт“.
Пред експресно да влезе во првиот тим на Барселона и во шпанската репрезентација, Јамал мораше да напредува од кадет во јуниор во академијата на клубот, Ла Масија.
– Гигантски чекор – вели за „Скај спорт“ Оскар Лопез, поранешен играч на Барселона, кој последните три години ги помина како тренер на младинските тимови на Барселона.
Јамал, играч на Барселона од својата седма година, веќе беше идентификуван како ѕвезда во подем. Но на 15 години и веќе играјќи во повозрасна група, многу зависеше од тоа како ќе се справи со неговата промоција од категоријата до 16 во категоријата до 19 години, во почетокот на сезоната 2022/2023.
– Таа година беше многу добар процес низ кој морав да поминам во однос на аклиматизацијата на возрасната група, на нивото, на барањата, затоа што не е исто да играш како кадет за до 16, дури и ако играш една година, како тој, до 15 години и играш против момчиња од 20 години во младинската лига на УЕФА. Значи, моравме да направиме процес на адаптација со него во кој тој виде дека сѐ е прогресивно и има своја еволуција и дека му треба време да се аклиматизира, иако го имаше тој вроден талент што го демонстрира токму сега на ЕП. Процесот опфати многу различни аспекти, ментално, емоционално и физички. Тој беше 15-годишно момче што играше против пет години постари момчиња. На емотивно ниво, сето тоа можеше да го скрши – вели Лопез, пренесе „Скај спорт“.
Тоа не случи, се разбира. Всушност, тоа го направи посилен. Но Јамал не доби специјален третман од Лопез, кој имаше задача да се погрижи да направи апликација за да одговара на неговиот талент.
– На теренот, тој постепено добиваше поголема минутажа, но тоа беше резултат на тоа што мораше да работи напорно, а не затоа што имаше 15 години и сите велеа дека е многу добар играч. Тој мораше да ги заработи тие минути. Неколку месеци влегуваше, работеше, тренираше, си земаше минути. Но тој гледаше и дека тој е само уште еден играч во тимот каде што имаше деца што беа три или четири години постари од него. Тој гледаше дека мора да вложи вистински напор за да заработи стартно место. Го покажуваше својот талент, но, малку по малку, ја стекнуваше и таа способност да се надмине, да расте и да ја подобри вродената способност што ја имаше – вели Лопез.
„Мирно, одмерено и скромно“
Јамал доби помош да има ниво на ментална цврстина како неговите технички и физички таленти, но уште имаше области во кои тој мораше да се развива, уште неуспеси што требаше да ги апсорбира, пишува „Скај спорт“.
– Тој е ментално многу зрело момче. Но мислам дека постепено тој сфати дека мора да направи чекор напред емотивно, да разбере како да управува со ситуации што не ги доживеал претходно, како што е да биде на клупата и да не игра на натпревар. Тој никогаш не доживеал да оди на меч, да почне на клупата, а натпреварот да заврши без тој да одигра ниту една минута. За момче од 15 години да се справи со тоа ментално и емоционално, треба да бидете со него и да знаете како да му помогнете со тоа, малку по малку – вели Лопез.
Јамал е тивок, весел, но и сериозен во врска со неговата професија и со неговите училишни задачи. Тој е снимен како учи меѓу настапите на ЕП. Чави Ернандез, тренерот што ја надгледуваше неговата транзиција во првиот тим на Барселона, користејќи го во 37 од 38 натпревари во Ла лига во минатата сезона, во април зборуваше за неговата „мирна, одмерена и скромна“ личност. Истите тие особини на личноста блескаат во разговорот со Лопез.
– Тој одлично преработува сѐ што му се случува, и покрај неговата млада возраст. Тој е зрела личност, тој е одговорен, свесен за ситуацијата што ја доживува – рече Чави.
Алберт Капелас, поранешен тренер на академијата на Барселона и младински директор што помина една деценија работејќи во Ла Масија пред неговото заминување во 2022 година, сметаше дека е само прашање на време кога Јамал ќе остави свој белег на високо ниво.
– Тој е како Андрес Иниеста или Чави. Не сакам да ги споредувам играчите, па не велам дека тој е како Иниеста, Чави или Меси како играч, бидејќи сите тие се многу различни. Но ова се видови играчи што ги гледате на млада возраст и знаете дека имате некој многу посебен пред вас, кој ќе ја направи разликата во фудбалот – вели тој.
Лопез, поранешен соиграч на Меси во Барселона, пред неговата играчка кариера да заврши предвреме поради повреда, секако беше свесен за тоа каде оди Јамал.
– Кога ќе видите момчиња со овој талент, знаете дека во секој момент тие можат да направат скокови и да направат огромни чекори напред. Тоа ми се случи кога бев со Меси како тимски колега. Бев во првиот тим и тој беше млад играч наизменично помеѓу Барса Ц и под 19. Клубот сфати дека тој има вроден талент и дека е играч што брзо ги презема тие чекори. Помина низ селекцијата до 19, Барса Ц и Барса Б и беше во првиот тим за три или четири месеци. Со овие специјални играчи, знаете дека ќе имаат многу брзо патување низ пониските категории – вели Лопез.
Лопез, како и сите во Ла Масија, внимателно го следи неговиот напредок. Зачудувачки, помина само една година откако го направи чекорот од академија до прва екипа, а само две откако од категоријата до 16 премина во до 19 години.
– Во денешно време, сѐ е многу брзо. Понекогаш би сакал да биде малку постепено, како што беше во наше време, малку повеќе чекор по чекор, за да може играчот да ужива во времето кога фудбалот е забавен, а не работа. Но, на крајот, тоа е само општеството денес. Играчите како Ламин, кои толку брзо одат во светот на професионалниот фудбал, прескокнуваат две или три години во кои играта уште им е хоби. Се разбира, многу сум горд што учествував во неговиот развој, заедно со многу други. Вашата работа како тренер за млади е да се обидете да ги подобрите играчите, да се осигурите дека секој од нив има добра основа и ранец со знаење, ако сакате, за да го понесе со себе – вели Лопез. Н.М.
Шпанија е на една победа до рекордот на Франција
Шпанија со победата на полуфиналната средба со Франција, со 2-1, се пласира на своето петто финале на фудбалските европски првенства (ЕП) и в недела, во Берлин (Германија), ќе игра за рекордната четврта континентална титула, против победникот на синоќешниот втор полуфинален дуел на ЕП 2024, Холандија – Англија. Шпанија и Германија сега се израмнети на врвот со по три европски титули.
Откако на европските шампионати се игра со групна фаза, од првенството во 1980 година, само Франција успеала да стигне до титулата само со победи. Тоа се случи на ЕП 1984, кога Франција првата европска титула ја освои со пет победи на петте натпревари, со вкупна гол-разлика 14-4. Таков подвиг, само со победи до трофеј, може сега да оствари Шпанија, која досега на ЕП 2024 на шесте натпревари забележа исто толку победи, со вкупна гол-разлика 13-3. Од другите европски прваци најблиску до перфектен резултат при освојување на трофејот беа Шпанија на ЕП 2012 (пет победи и едно реми) и Германија на ЕП 1980 (три триумфа и еден нерешен резултат). Н.М.
ЕП 2024, ПОЛУФИНАЛЕ
Шпанија – Франција 2-1
Холандија – Англија синоќа
финалето е в недела во Берлин (не се игра меч за третото место)