Од тренери за изведување аути до офталмолози, од сурфери на големи бранови до психолози за пенали…, „Скај спорт“ анализира зошто отвореноста на Клоп за нови идеи помага да се објасни неговиот успех
Како што вели „Харвард бизнис-преглед“, една од најтешките транзиции за лидерите е промената од правење работи до лидерство. Јирген Клоп е одличен фудбалски тренер. Но тој стана уште подобар лидер поради неговата подготвеност да прифати нови луѓе и нови идеи, пишува „Скај спорт“. Неговиот Ливерпул еволуираше тактички, приспособувајќи се на трендовите во играта, но она што го направи Клоп толку успешен се протега надвор од акциите на теренот. Станува збор за културата на учење во Ливерпул, отвореноста за подобрување. Можеби тоа е неговото најголемо наследство, пишува „Скај спорт“.
УЧЕЊЕ ОД ЕКСПЕРТИ
Одново и одново тој покажа дека е подготвен да учи од експерти. Една работа е да се делегира тренерската одговорност на некого за кого се надеваме дека ќе тренира на сличен начин. Воведувањето тренери што ќе го променат начинот на кој се прават работите е нешто сосема друго. Можеби најпознатиот пример во Ливерпул е ангажманот на Томас Гронемарк како стручен тренер за изведување аути. Имаше и такви во фудбалот што се потсмеваа на таа одлука.
Клоп немаше интерес за тоа како работите отсекогаш се правеле. Неговата единствена грижа беше дали тоа може да се направи подобро.
– Кога слушнав за Томас Гронемарк, јасно ми беше дека сакам да го запознаам. Кога го запознав, 100 отсто ми беше јасно дека сакам да го вработам – рече Клоп.
Зборувајќи со Гронемарк во 2020 година за неговата улога во Ливерпул, детаљот што влезе во неговата работа беше веднаш очигледен. Данецот објасни на лесно разбирлив јазик како може да ги подобри резултатите на тимот, а придонесот беше тактички, но и технички.
Тој беше навикнат да го исмеваат.
– Уште кога почнав во 2004 година, луѓето се смееја на идејата за тренирање аути. Тоа е премногу чудно за некои луѓе – изјави Гронемарк за „Скај спорт“.
Но не и за Клоп. Што ни кажува тоа за него и луѓето како него?
– Тие стапуваат во контакт затоа што се иновативни и имаат отворен ум. Тие секогаш размислуваат за нови начини за подобрување – вели Гронемарк.
Ливерпул од третото најслабо задржување на топката под притисок од изведен аут стана најдобар во Премиер-лигата, пишува „Скај спорт“.
ЗАДРЖУВАЊЕ ЗДИВ
Ако примерот за изведување аути е премногу мал, неговото влијание врз резултатите не е доволно опипливо, што е со одлуката на Клоп да се сврти кон Никлас Хауслер и Патрик Хантшке од „Неуро11“? Тој ја цени нивната работа за психологијата на пенали за двете победи на Ливерпул на стадионот „Вембли“. Тимот на Клоп го победи Челси во финалињата на Лига-купот и на ФА-купот во 2022 година, постигнувајќи 17 од 18-те пенали. Тоа беше првата сезона во која тие работеа со „Неуро11“, кој им даде на играчите алатки да се фокусираат во тие моменти под висок притисок.
Зборувајќи со Хауслер подоцна истата година, тој го објасни процесот.
– Можеме да знаеме што му помага на играчот да влезе во оваа автоматска состојба, во она што многу луѓе го знаат како зона. Ние буквално ги мериме мозочните бранови и му враќаме информација на играчот. Му помагаме на играчот да разбере кои работи му помагаат да ја оптимизира својата рутина. Што е тоа што им помага и што им го одвлекува вниманието? Мислам дека тоа е уникатно. Првпат во професионалниот спорт се направи тоа. Резултатите се покажаа – изјави тој за „Скај спорт“.
Таа работа со Ливерпул е во тек.
– Тие работат за нас. Тие беа тука минатата недела, бидејќи имаше можност за изведување пенали против Фулам. Дефинитивно ќе направиме нешто пред финалето – изјави Клоп пред полуфиналето на Лига-купот сезонава.
А нешто поапстрактно? Сесијата со познатиот сурфер на големи бранови Себастијан Штајтнер не мора да му донесе трофеј на Ливерпул. Но Клоп, сепак, го покани да ја сподели својата експертиза во 2020 година, работејќи на техники за подводно дишење со играчите.
– Беше апсолутно неверојатно, имавме играчи што го задржуваа здивот речиси три минути. Три минути! По половина час предавање. Тоа само значи дека можете да имате перформанс повеќе отколку што некогаш сте замислиле. Многу ме интересираше што има да каже за тоа како се справува со притисокот. Ако сурфа на највисокиот бран што некогаш го видел, тогаш чека цела година за следниот, можеби две години. Едноставно е толку очигледно каде се сличностите – изјави Клоп за тоа искуство со Штајтнер.
НАЧИН НА РАЗМИСЛУВАЊЕ
Можеби тоа е само неговиот начин на размислување. Погледот на Клоп се протега подалеку од она што може да му помогне на Ливерпул. Во 2021 година, кога разговараше со сегашниот тренер на голмани на Борусија Менхенгладбах, Фабијан Оте, тој откри приказна за Клоп што дава увид во неговата природна љубопитност. Оте беше во Барнли и ги загреваше голманите пред натпреварот со Ливерпул.
– Почна да ми се насмевнува. Очигледно, Јирген Клоп е големо име, имам слушнато за него, читав за него и го гледав на телевизија многу години. Само мавнав назад. Кога се вратив во соблекувалната, помошникот рече: „Јирген Клоп прашуваше за тебе. Тој рече дека прочитал за тебе и дека е заинтересиран“. Потоа зборував со него доста време и тој беше многу кул личност. Тоа беше многу интересно искуство. Тоа е менаџерот на Ливерпул. Тој можеше да направи илјада подобри работи отколку да чита за мене, но знаеше толку многу детали. Ова е многу германски збор, но кога има некој што луѓето веднаш го сакаат како лидер, го нарекуваат Menschenfanger. Буквално, тоа значи некој што ги фаќа луѓето на многу позитивен начин, луѓето едноставно доаѓаат кон него. Тоа ме натера да размислувам. Ако тој е толку заинтересиран за мене, колку би бил заинтересиран за членовите на персоналот што ги вработува и со кои соработува секојдневно? Веднаш можете да замислите дека го следам. Тоа е карактеристика на многу добар лидер – изјави тој за „Скај спорт“.
Какво ќе биде влијанието на заминувањето на Клоп. Со враќањето на Мајкл Едвардс, клубот веќе дејствуваше за да помогне да се обезбеди продолжување на културата. Но кога лидерот ќе замине, може да има вакуум. Историјата сугерира дека можеби е проблем. Ако има надеж, таа не доаѓа само од регрутните одлуки на Едвардс и неговите колеги, туку и од средината што Клоп работеше да ја создаде во Ливерпул. Љубопитни играчи уште се отворени за учење, пишува „Скај спорт“.
Кога Трент Александар-Арнолд почна да се обидува да го подобри својот периферен вид со офталмологот д-р Даниел Лаби, тоа беше, наводно, маркетинг-проект за „Ред бул“, но зборувајќи со играчот на Ливерпул за тоа, неговиот пристап кон предизвикот објасни многу, пишува „Скај спорт“.
– Станува збор за малите проценти. Како поединец, треба да најдете нешто за да бидете пред другите. Маргините се мали. Можеби не ја прави разликата од ден на ден, но разликата може да биде во еден или два меча сезонава, каде што видов додавање и можев да го одиграм поради дополнителната работа што ја имав надвор од теренот – изјави Александер-Арнолд за „Скај спорт“.
Наследството на Клоп во Ливерпул ќе се почувствува на многу начини. Тренерите за аути и сурферите нема да бидат првите елементи од неговото време на „Енфилд“ што ќе паѓаат на ум, но тие на свој начин откриваат многу за личноста и за тајните на неговиот успех, пишува „Скај спорт“. Н.М.