Фото: ЕПА

Без разлика дали се работи за кратко играње со топката или долго додавање, улогата на голманот сега е поважна од кога било за стекнување предност. Многу години улогата на голманот беше да ја задржи топката надвор од својата мрежа и потоа да ја исфрли што подалеку на теренот, но, во текот на изминатата деценија, неговите должности постојано се развиваа и тие сега многу се вклучени во тактичката игра на тимот

ФУДБАЛ

Многу години улогата на голманот беше да ја задржи топката надвор од својата мрежа и потоа да ја исфрли што подалеку на теренот, но, во текот на изминатата деценија, неговите должности постојано се развиваа и тие сега многу се вклучени во тактичката игра на тимот, во пресингот, го мамат противникот и отвораат простор понатаму на теренот за да го искористат неговите соиграчи, пишува „Би-би-си“. Од влијанието на Пеп Гвардиола до промените во правилата на играта, голманот напредуваше од сопирач на ударите до клучен плејмејкер во нападот на тимот.

Од долги топки до играње во задната линија

Добро е документирано дека доаѓањето на шефот на Манчестер сити, Гвардиола, во Премиер-лигата се совпадна со зголемувањето на популарноста на голманот што игра со топка. Една од неговите први активности беше да го замени Џо Харт со Клаудио Браво, пред да го донесе Едерсон во 2017 година. Голманот на Бразил, кој како млад беше играч на теренот, беше донесен најмногу поради неговата одлична способност за додавање и удобност со топката пред неговите нозе. Со Едерсон на голот, Манчестер сити ја освои првата титула во Премиер-лигата под водство на Гвардиола во 2018 година, откако собра рекордни 100 бода. Статистиката сугерира дека оттогаш, играњето од задната страна станува сѐ попопуларно со процентот на т.н. дегажмани на голманите во противничката половина, кој не отстапувал од околу 75 проценти неколку сезони, паднал на 67,8 отсто во следната сезона. Потоа продолжи да опаѓа, иако имаше уште една причина што имаше значаен придонес.
За сезоната 2019/2020, Меѓународниот борд (ИФАБ) воведе ново правило, кое им дозволува на голманите да им ја додаваат топката на соиграчите во нивниот шеснаесетник од почетен удар од гол, а претходно им беше дозволено да додаваат само надвор од шеснаесетникот. Во тоа време, ИФАБ рече дека оваа промена ќе резултира со „побрз и подинамичен/конструктивен рестарт на играта“ што ќе го „намали изгубеното/потрошеното време“.
Но оттогаш ударите од петерецот стануваат сѐ пократки и сега е вообичаено да се видат двајца централни бека што стојат покрај голманот во петерецот, подготвувајќи се да изградат напад.
– Тренерите препознаа дека можат да го искористат противничкиот ентузијазам против нив. Ова може да се направи со користење подлабоки стартни позиции од централните бекови, бековите или играчите од средниот ред. Овозможени со промената на правилата околу ударите од гол, почнавме со овие додавања во шеснаесетникот за да се обидеме да го привлечеме притисокот на противникот. Дополнително, како одговор на пристапот со високиот притисок, некои тимови им дозволуваат на играчите да останат високо во задната линија на противникот, што го принудува средниот ред на противникот да донесува одлуки – изјави поранешната голманка на Манчестер сити, Карен Бардсли, за „Би-би-си“.
Огромно мнозинство тимови во Премиер-лигата играат сѐ пократко по изведување удар од своите голови, при што 11 од 20 тима играат најмалку 50 отсто од нив во шеснаесетникот, а 17 од 20 ги играат повеќето од тие удари во сопствената половина. Лидерот во Премиер-лигата, Ливерпул, игра 85 отсто од своите почетни удари во својата половина, а Манчестер сити 83 проценти.

Ризик наспроти награда – зошто тимовите најчесто играат кратко?

Кога голманот ќе ја упати топката далеку, неговиот успех многу зависи од тоа што соиграчите ќе ја освојат одбиената топка, инаку поседот брзо му се препушта на противникот. Играњето од задната линија значи дека тимот со топка ја контролира играта, но очигледно има повеќе од теренот за покривање и повеќе противнички играчи против кои ќе игра.
Во зависност од поставеноста на противникот, постојат различни тактики што тимот може да ги примени при удар од гол. Краткото играње го привлекува противникот кон одбранбените играчи на напаѓачката екипа, што создава простор зад нив. Ако напаѓачкиот тим може успешно да го искористи тоа, може многу брзо да се освои теренот, а противниците да не се во формација и да создадат шанса за гол. Кога функционира, изгледа одлично, но кога не функционира, може да изгледа навистина лошо, пишува „Би-би-си“. Иако долгиот удар не се користи толку често како порано, тој останува опција ако противникот добро притиска. Манчестер сити се гледа како една од најдобрите екипи за играње од задната линија, но тие, сепак, знаат кога долгата топка е ефективна, а тоа делумно е причина за Едерсон да има најмногу асистенции како голман во Премиер-лигата (четири).
Во изминатата деценија речиси двојно се зголеми бројот на загубени топки високо на теренот, кога тимот добива посед на противничката половина од теренот, што резултира со голови. Арсенал не се колеба долго да испрати далеку голем дел од своите удари од гол. Тоа делумно е поради Дејвид Раја. „Топчиите“ го ангажираа од Брентфорд поради неговата способност со топката пред неговите нозе. Но, во Брентфорд, Раја, исто така, беше ефективно оружје со прецизноста на неговите додавања од далечина. Тој создаде девет секундарни шанси (додавање пред додавањето што создава шут) во неговата последна сезона таму, повеќе од кој било друг голман.
Без разлика дали се работи за кратко играње на топката или долго додавање, улогата на голманот сега е поважна од кога било за стекнување предност. Н.М.