Фото: ЕПА

На Олимпискиот стадион во Берлин, најголем стадион за ЕП 2024, се одиграа мечевите за титулите на Светското првенство во 2006 година и во Лигата на шампионите во 2015 година, а предвидено е в година таму да се игра и натпреварот за титулата на континенталното првенство. Европскиот шампионат ќе се игра и во Келн, Минхен, Франкфурт, Хамбург, Дортмунд, Лајпциг, Гелзенкирхен, Штутгарт и во Диселдорф

  • Европското првенство (ЕП) в година ќе се одржи на десет стадиони од светска класа во Германија, од Олимпискиот стадион во Берлин до стадионот „Фолкспарк“ во Хамбург, пишува Европската фудбалска унија (УЕФА). ЕП 2024 е на програмата од 14 јуни до 14 јули 2024 година, а натпреварите на престижниот настан ќе се одржат во десет града, Берлин, Келн, Минхен, Франкфурт, Хамбург, Дортмунд, Лајпциг, Гелзенкирхен, Штутгарт и Диселдорф. Ждрепката за составот на групите треба да биде влечена на 2 декември во Хамбург.
  • Во главниот град на Германија, Берлин, ќе се игра на Олимпискиот стадион (капацитет за 70.000 гледачи), кој е дом на Херта. Тоа е најголемиот стадион за ЕП 2024. Таму се играат финалињата на германскиот куп од 1985 година, а Берлин беше домаќин на финалето на Светското првенство (СП) во 2006 година, Италија – Франција, а девет години подоцна и на мечот Барселона – Јувентус во финалето на Лигата на шампионите (ЛШ). На ЕП 2024 се предвидени три меча од групната фаза, по едно осминафинале и четврт-финале и финалето.
    l Келн има стадион со капацитет од 47.000 места, кој беше реконструиран за да се организираат натпревари на СП 2006 и од 2010 година е редовно место за финалето на Купот на Германија за фудбалерки, како и домаќин на мечеви од американски фудбал, хокеј на мраз и музички концерти. На ЕП 2024, стадионот каде што настапува Келн, ќе се играат четири натпревари од групната фаза и едно осминафинале.
  • Во Дортмунд ќе се игра на стадионот на кој настапува Борусија, со капацитет за 66.000 гледачи, едно од најпознатите места во светскиот фудбал благодарение на неговата позната трибина „Жолт ѕид“. Стадионот во Дортмунд е една од најголемите арени за ЕП 2024 и беше домаќин на низа натпревари на СП и во европскиот фудбал, вклучувајќи го и финалето на тогашниот Куп на УЕФА, Ливерпул – Алавес. На ЕП 2024 ќе се играат четири дуела од групната фаза и по едно осминафинале и полуфинале.
  • Арената „Диселдорф“, која собира 47.000 гледачи и каде што домашен тим е Фортуна Диселдорф, е една од помалите за ЕП 2024, но, сепак, има капацитет од над 40.000 места, а на шампионатот ќе се играат три меча од групната фаза и по едно осминафинале и четврт-финале.
  • Франкфурт ќе биде домаќин на четири меча од групната фаза и на едно осминафинале, на арената „Франкфурт“, која има капацитет од 46.000 места и каде што настапува Ајнтрахт. На тој стадион се играше финалето на Купот на УЕФА за фудбалерки во 2002 година, едно четврт-финале на СП 2006 за мажи… Стадионот е изграден во 1925 година и бил домаќин на натпревари на неколку големи турнири, вклучувајќи ги ЕП 1988 и СП 2006.
  • Во Гелзенкирхен ќе се игра на арената „Ауф Шалке“, која има капацитет од 50.000 места и на која домашен тим е Шалке. На тој стадион, отворен во август 2001 година, има подвижен покрив и терен што се извлекува. Кристијано Роналдо обезбеди незаборавен момент на тој стадион за Португалија во нејзиниот успех во мечот со Англија на СП 2006. На тој стадион се играа финалето на ЛШ во 2004 година и четврт-финалето на СП 2006, а на ЕП 2024 ќе се играат три дуела од групната фаза и едно осминафинале.
  • Стадионот „Фолкспарк“ во Хамбург, кој собира 50.000 гледачи (таму настапува Хамбургер), беше отворен во 1953 година, а доби значителна надградба во 2000 година и беше домаќин на дуели на ЕП 1988 и на СП во 1974 и во 2006 година, како и на финалето на Лига Европа во 2010-та. На ЕП 2024 таму ќе се играат четири меча од групната фаза и едно четврт-финале.
  • Во Лајпциг ќе се игра на стадионот со 42.000 места. Домот на бундеслигашот Лајпциг беше домаќин на мечеви од групната фаза на СП 2006 и на едно осминафинале. Стадионот, кој има најсовремен покрив, беше отворен во 2004 година, откако беше повторно изграден во школката на стариот стадион, најголемиот во поранешна Источна Германија. На ЕП 2024 таму ќе се играат три меча од групната фаза и едно осминафинале.
  • Стадионот на Баерн во Минхен, со капацитет за 67.000 луѓе, беше отворен во 2005 година, таму се играше незаборавното финале во ЛШ во 2012 година, кога Челси го победи Баерн на пенали, а на тој стадион се одржаа неколку натпревари на ЕП 2020, вклучувајќи ја и победата на Италија во четврт-финалето со 2-1 против Белгија. На ЕП 2024 ќе се играат четири средби од групната фаза и по едно осминафинале и полуфинале.
  • Во Штутгарт ќе се игра на стадионот што собира 54.000 гледачи, каде што настапува Штутгарт и каде што се играа финалето на Купот на шампионите во 1988 година, мечот за бронзен медал на СП 2006… Арената во Штутгарт беше реновирана и модернизирана неколкупати откако е изградена и организираше натпревари на СП во 1974 и во 2006 година, како и на ЕП 1988. На ЕП 2024 ќе се играат четири дуели од групната фаза и едно четврт-финале. Н.М.