Фото: Фејсбук/ЦСКА Софија

Во денешните изданија на бугарските медиуми се појавија реакции околу малиот број билети доделени на софискиот клуб за натпреварот со Македонија ЃП во Конференциската лига на УЕФА.

Клубот од Ѓорче Петров натпреварот како домаќин ќе го игра на „Петар Милошевски“ во центарот на ФФМ. Според правилата на УЕФА, обезбедени се 5 отсто од капацитетот на гледачи за гостинската публика.

– Македонија, Ѓорче Петров ќе пушти само 60 билети за симпатизерите на „црвените“. По итни разговори по ждрепката, македонскиот клуб првично беше подготвен да пушти во продажба уште многу места за симпатизерите на ЦСКА. Оттаму не ја прифатија идејата на челниците на ЦСКА натпреварот да се игра на националниот стадион во Скопје, за да можат сите заинтересирани да присуствуваат на натпреварот. На крајот, домаќините по консултација со локалната федерација и полицијата, решија да го намалат бројот на 60 – пишува „Труд“.

Се бара дури Скопје да биде изземен од организација на натпреварот.

– Дали овој натпревар воопшто треба да се игра во главниот град на Северна Македонија? УЕФА има практика брзо да реагира на политичките тензии и да ги испраќа натпреварите на неутрални терени. Во конкретниот случај, дури и ова е повеќе од погодно, бидејќи српскиот град Ниш е блиску до двата главни града. Во последните години, УЕФА не дозволува тимови од Ерменија и Азербејџан, како и од Русија и Украина да се сретнат на турнирите – стои во анализата на бугарскиот дневен весник „Труд“.

Натпреварот Македонија ЃП – ЦСКА е закажан за 21 јули со почеток во 17.30 часот.