Победникот на денешниот дуел ќе биде нов првак на Јужна Америка и ќе се пласира на две клупски светски првенства

ФУДБАЛ

Меч за континенталната титула и за пласмани на две клупски светски првенства е на програмата денеска (од 21 часот) во аргентинскиот главен град Буенос Аирес, каде што два бразилски тима, Атлетико Минеиро и Ботафого, ќе играат за трофејот во Копа либертадорес, клупскиот шампионат на Јужна Америка. Атлетико Минеиро има една титула, од единственото финале, во 2013 година, а Ботафого првпат е финалист во Копа либертадорес.
Победникот ќе игра и на Интерконтиненталниот куп на Светската фудбалска федерација (ФИФА), чија завршница ќе се игра во декември, во Катар, а настапуваат актуелните прваци на шесте континента. Новиот шампион на Јужна Америка ќе се сретне со првакот на Северна Америка, Пачука од Мексико, а победникот на тој дуел ќе игра со првакот на Африка, Ал Ахли од Египет, за влез во финалето. Директен финалист е европскиот првак, Реал Мадрид од Шпанија. Атлетико Минеиро или Ботафого ќе игра и на новото клупско Светско првенство (СП) в година, во САД, на кое првпат ќе учествуваат 32 тима. СП ќе се игра секои четири години, со учество на континенталните прваци во четиригодишен циклус и најдобрите на ранг-листата од секој континент во тој период. Јужна Америка ќе има шест тима на СП 2025, четири од Бразил (Палмеирас, Фламенго, Флуминенсе и новиот континентален шампион) и два од Аргентина (Ривер плата и Бока јуниорс). Н.М.