Според обложувачниците, Реал Мадрид е петти фаворит за освојување на ЛШ, зад Пари сен Жермен, Манчестер сити, Баерн и зад Ливерпул. Но Анчелоти потсетува дека 14-кратниот европски првак во минатата сезона важеше за уште помал фаворит

ФУДБАЛ – ЛИГА НА ШАМПИОНИ

Со 16 меча, синоќа и вечерва, почнува групната фаза во Лигата на шампионите (ЛШ) во фудбал, која годинава поради Светското првенство (СП) во Катар ќе се игра позачестено и треба да заврши до 2 ноември. И како што е вообичаено во вакви пригоди, повторно се актуализираа прогнозите и предвидувањата за тоа која екипа ќе ја освои титулата, односно која е под најголем притисок, пишува британски „Скај спорт“.
Реал Мадрид, бранителот на титулата, кој триумфира петпати во претходните девет години, е најекспониран и е во најтесниот круг фаворити за нов трофеј. „Кралевите“ на клупата го имаат Карло Анчелоти, најтрофејниот во ЛШ, со четири европски титули (по две со Милан и со Реал), за кого се вели дека секогаш има резервен план во играта ако нешто не оди како што треба. Реал Мадрид летово остана без Каземиро (замина во Манчестер јунајтед) и без Марсело (Олимпијакос), но како замена за нив беа ангажирани младиот Орелијан Шуамени од Монако и Антонио Рудигер од Челси.
Според обложувачниците, Реал е петти фаворит за освојување на ЛШ, зад Пари сен Жермен, Манчестер сити, Баерн и зад Ливерпул. Но Анчелоти вели дека „не е изненаден“ од тоа и потсетува дека 14-кратниот европски првак во минатата сезона важеше за уште помал фаворит.
– Тоа го гледам како добар знак – изјави Анчелоти.

Манчестер сити 12-ти пат во низа е во ЛШ. Само Реал (26), Барселона (19) и Баерн (15) имаат подолги последователни настапи во ова натпреварување. Сити значително се засили летово, со напаѓачот Ерлинг Холанд, кој има извонреден ефект во европските клупски натпреварувања, 27 гола на 25 меча за Молде, Салцбург и за Борусија Дортмунд. Во првите шест натпревари сезонава во Премиер-лигата, тој постигна 10 гола, од кои два хет-трика по ред. Со доаѓањето на Холанд ќе се засили и притисокот врз Пеп Гвардиола да се пласира во второто финале, да одигра подобро отколку во 2021 година, кога загуби од Челси (0-1) во финалето во Порто, и да победи. Доколку ПСЖ со новиот тренер Кристоф Галтие успее сезонава да го освои трофејот, Лионел Меси (35) ќе може да има голем рекорд на повидок, откако постигна 125 гола во ЛШ, 15 помалку од Кристијано Роналдо, кој сезонава со Манчестер јунајтед ќе игра во Лига Европа. Но не треба да се заборави дека ПСЖ ги има и Нејмар и Килијан Мбапе, кои се меѓу најдобрите напаѓачи во светот.

Барселона не штедеше летово, што само ги зголемува очекувањата. Каталонците последен пат победија во ЛШ во 2015 година, а лани првпат по сезоната 2000/2001 не ја поминаа групната фаза. Но Барселона, која сезоната ја почнува вечерва против чешки Плзен, направи ремонт на тимот, во кој прва ѕвезда е Роберт Левандовски. Баерн, како и секогаш, е во најтесниот круг фаворити. Има квалитетен, искусен и избалансиран тим, предводен од младиот 35-годишен тренер Јулијан Нагелсман. Испразнетото место во нападот досега повеќе од успешно го пополни Садио Мане, кој веќе постигна пет гола во Бундес-лигата. Европскиот вицепрвак Ливерпул, кој лошо ја почна домашната сезона, во која уште нема победа на гости (пораз и две ремија, третпат во претходните пет сезони (во 2018/2019 и 2019/2020), ќе игра во група со Наполи (забележа една победа на четирите меча). Челси е тим во транзиција, но треба да се знае и дека ЛШ му одговара на тимот на Томас Тухел. Л.Д.