Неговата природна мотивација е врвна. Не треба да ставате масло во огнот, таму веќе има доволно оган. Тоа е Хендо, вели Клоп за Хендерсон, кој стана четвртиот играч на Ливерпул со 300 меча во Премиер-лигата, по Џерард, Карагер и Хипија, и кој е рекордер со над 17.000 додавања во најквалитетната лига на Англија

ФУДБАЛ

За капитенот и фудбалер од средниот ред на Ливерпул, Џордан Хендерсон (31), синоќешниот меч со Вест хем беше негов 300-ти во англиската Премиер-лига. Тој е четвртиот играч на „црвените“ со 300 настапи во најквалитетната лига на Англија, со што им се придружи на клупските легенди Стивен Џерард, Џејми Карагер и Сами Хипија, пишува во написот на весникот „Гардијан“.
– Тој веќе го надмина Герет Бери како играч со најмногу додавања во Премиер-лигата, нели? А има уште четири или пет сезони за играње. Тие податоци кажуваат колку важна фигура во овој тим е Хендерсон. Тој е неверојатно вреден за нас – изјави менаџерот на „црвените“, Јирген Клоп, кој инаку не ѝ придава многу внимание на статистиката.
Бројот на додавања на Хендерсон изнесува 17.002. Во друг контекст, Ливерпул со Хендерсон во тимот е речиси непобедлив дома. Минатата зима Ливерпул претрпи серија порази кога тој принудно играше на позицијата центархалф. Но во минатите четири години, Ливерпул загуби само два првенствени натпревари кога тој беше стартер на својата позиција во средниот ред. Двата пораза беа од Манчестер сити (1-2) во јануари 2019 година и во јули 2020-та (0-4), откако Ливерпул веќе ја обезбеди титулата. Последен пат, друг тим освен Сити, што освоил три бода во Премиер-лигата кога Хендерсон го почнал мечот на својата позиција беше Тотенхем во октомври 2017 година, неколку месеци пред доаѓањето на Вирџил ван Дајк.

На 299 меча, Хендерсон постигна 28 гола и 40 асистенции, што говори дека тој во суштина е тимски играч, дефиниран со влијанието врз успесите на колективот, имајќи ги предвид бодовите и трофеите. Неговиот карактер е една од причините зошто Ливерпул губи ретко. „Хендо беше многу битен за сите работи што ги постигнавме. Неговата природна мотивација е врвна. Не треба да ставате масло во огнот, таму веќе има доволно оган. Тоа е Хендо“, вели Клоп.
Летово Хендерсон доби нов четиригодишен договор. Клоп ја цени улогата на Хендерсон во создавањето култура што ја смета за посебна.
– Не бев загрижен дека новиот договор може да го спречи да биде „луд ѓавол“ одвреме-навреме, на теренот и надвор од него. Неговиот начин на размислување е создаден за освојување трофеи и навистина сум среќен што го имам тука. Хендо не е стар, тој уште може да се развива, да напредува, мора и ќе го направи, а јас нема да престанам да му помагам во тоа. Ни требаат играчи како него во клубот на долг рок. Начинот на кој работиме заедно, работите што ги правиме, како се инспирираме себеси и едни со други, ја прават оваа група многу посебна – вели Клоп.