Томас Тухел

Фудбалерите на Челси ја освоија Лигата на шампионите (ЛШ) совладувајќи го Манчестер сити со 1-0 по голема борба во финалето одиграно вечерва во Порто. Каи Хаверц го постигна одлучувачкиот гол во 42-та минута по одлична асистенција на Мејсон Маунт. Ова е втор трофеј за лондончани во ЛШ по триумфот во 2012 година.

Меѓу најзаслужните за големиот успех е германскиот тренер Томас Тухел (дојде на местото на Френк Лампард на 26 јануари) под чие водство Челси за пет месеци стигна до трофејот на ЛШ и до завршниот меч во англискиот ФА-куп, додека во Премиер-лигата се искачи од 9-то до 4-то место.

Во финалето повторно до израз дојде цврстата одбрана на „сините“ кои откако ги води Тухел не примија гол на 19 од одиграните 30 средби во сите конкуренции. Челси ги сопре ѕвездите на Сити, Ријад Марез, Фил Фоден, Рахим Стерлинг, како и Серхио Агуеро и Габриел Жезус кои влегоа во вториот дел. „Граѓаните“ не успеваа да создадат сериозни шанси, упатувајќи само два удари во рамките на противничкиот гол.

Тухел на тој начин стана вториот тренер кој забележал три последователни победи против менаџерот на Манчестер сити Пеп Гвардиола (славеше и во англиската Премиер-лига 2-1 и ФА-купот 1-0), по Јирген Клоп на кој тоа му успеа со Ливерпул во 2018 година.

Тухел е првиот тренер кој со два различни клуба стигнал до финалето на ЛШ во две последователни сезони, откако во претходното издание со Пари Сен Жермен загуби од Баерн со 0-1. Згора тој е третиот германски стратег кој ја освои ЛШ во последните три изданија на натпреварувањето по Ханси Флик (Баерн) и Јирген Клоп (Ливерпул).