Зад Роналдо, според бројот на победи, е Аргентинецот Лионел Меси од Барселона, со 366, а соиграчот на Роналдо во Јувентус, голманот Џанлуиџи Буфон, 350 пати бил на победничката страна во кариерата

ФУДБАЛ

Јувентус славеше победа на гости кај Џенова (3-1) во италијанското фудбалско првенство, а за Португалецот Кристијано Роналдо (35), кој на тој натпревар постигна два гола од пенал, тоа беше 400-та победа во кариерата во петте најдобри европски лиги во овој милениум, најмногу од сите фудбалери.
Неделниот меч со Џенова му беше стоти на Роналдо во дресот на „старата дама“, на кои тој постигна импресивни 77 гола, од кои 14 сезонава.
– Немаше подобар начин да го прославам мојот стоти натпревар за Јувентус отколку да постигнам уште два гола. Многу сум горд што ја достигнав оваа бројка во дресот на „старата дама“. Но погодете што е следно: следната цел е да постигнам 100 гола за Јуве – напиша Роналдо на својот профил на Твитер.
Двајца фудбалери, Аргентинецот Омар Сивори, уште една легенда на Јувентус (со 84 гола), и Италијанецот Феличе Борел (80 погодока), имаат постигнато повеќе голови од Роналдо на првите 100 натпревари за „старата дама“.
Пред да оди во Јувентус во 2018 година, Роналдо настапуваше за Реал Мадрид во шпанската Ла лига, а претходно и за Манчестер јунајтед во англиската Премиер-лига. Зад Роналдо, според бројот на победи, е Аргентинецот Лионел Меси од Барселона, со 366. Соиграчот на Роналдо во Јувентус, голманот Џанлуиџи Буфон, 350 пати бил на победничката страна во кариерата, во Серија А и во француската Лига 1, со ПСЖ.