За доигрување остануваат уште 92 натпревари. Според планот, сезоната треба да заврши на 27 јули, а новата да почне на 22 август

Англиската фудбалска Премиер-лига планира да ја продолжи прекинатата сезона на 8 јуни, зад затворени врати, и да ја заврши на 27 јули, пренесува „Тајмс“. Весникот тврди дека челниците на Лигата, заедно со другите спортски тела, разговараат со британската влада кога да продолжат со натпреварите, и само со „одобрение“.
Премиерлигашите треба да доиграат 92 натпревари по прекинот на сезоната на 13 март. „Тајмс“ објави дека Премиер-лигата минатата недела ја споделила својата идеја „Проект за рестартирање“ со акционерите.

Натпреварите би се играле зад затворени врати, со присуство на најмногу 400 луѓе, меѓу нив и од медиумите, но доколку се тестирани и се негативни на коронавирусот, како и на одредени стадиони, за да им се олесни работата на медицинските лица чии капацитети се ограничени. Планирано е да се воведат и дополнителни простории за да се осигури дека се воспоставени мерките за физичка дистанца. Но најголемиот проблем засега е недостигот од тестови.Како датум за почеток на сезоната 2020/2021 е предложен 22 август.

Доколку не продолжи сезоната, тоа ќе биде финансиски кошмар за клубовите, од што се плашат сите. За ублажување на загубите, Премиер-лигата побара од адвокатската фирма „ДЛА Пајпер“, со која во минатото се советуваше за зделките околу ТВ-права за лигата, заем за итни случаи, со максимум 10 милиони фунти (12,4 милиони долари) по клуб.