АНАЛИЗА НА „БИ-БИ-СИ“ ПО УСПЕХОТ НА ЛИВЕРПУЛ

Во овие три децении во Ливерпул беа правени трансфери, беа постигнати многу голови и беа освоени бодови, но никогаш не беше доволно, сѐ до оваа извонредна сезона. „Би-би-си“ ги разгледува фудбалерите, менаџерите, парите и многу повеќе оние што клубот ги вложи во потрагата по титулата број 19 во Англија.
МЕЧЕВИ, МИНУТИ, ГОЛОВИ…: Ливерпул одигра 1.149 меча од почетокот на сезоната 1990/91, тоа се 103.410 минути поминати на теренот, забележани се 595 победи (што е процент од околу 52 отсто), постигнаа 1.968 гола (за вкупна гол-разлика од плус 822) и беа освоени 2.075 бода. Сепак, сите, освен 28 победи сезонава, 70 од сите погодоци и освен 86 од сите тие освоени бодови за 30 години беа само обид за слава во лигата, пишува „Би-би-си“.

ИГРАЧИ: Од почетокот на сезоната 1990/91 година, 239 играчи го претставувале Ливерпул во Премиер-лигата. Од тие 239 играчи, производот на академијата на Ливерпул, Џејми Карагер во последните 30 години оствари најмногу настапи во дресот на Ливерпул, 508. Има многу познати имиња во првите 10 на таа листа (втор е Стивен Џерард со 504), но само еден член на сегашниот состав е на тој список, капитенот Џордан Хендерсон, со 266 меча. На листата на стрелци, пак, за тој период, води Роби Фаулер со 128 гола за клубот, а од актуелните играчи меѓу првите 10 се Мохамед Салах (71 гол), Садио Мане (60 погодока) и Роберто Фирмино (56 гола).

МЕНАЏЕРИ: Кени Далглиш со Ливерпул ги освои 16-та, 17-та и 18-та титула и ја почна одбраната, но тој замина пред да се заврши обидот за нова титула. Таа сезона Ливерпул беше втор, зад Арсенал, а тимот до крајот на сезоната го водеа Рони Моран и Греем Сунес. Вкупно, Ливерпул има девет менаџери од почетокот на сезоната 1990/91, а исклучувајќи го Сунес, кој беше задолжен само за последните пет меча од сезоната 1990/91, четворица менаџери со Ливерпул беа вицешампиони во изминатите 30 години – Жерар Улие, Рафаел Бенитез, Брендан Роџерс и Јирген Клоп. Во Клоп Ливерпул најде наследник на круната на кралот Кени, пишува „Би-би-си“. Германецот е единствениот менаџер на „црвените“ откако Далглиш си замина (вклучувајќи го и самиот Шкотланѓанец во текот на вториот мандат) со процент на победи над 60.

ТРАНСФЕРИ: Од титулата во 1991 година до освоениот трофеј годинава Ливерпул ангажира 218 нови играчи. Според бројките на „Трансфермарк“, клубот потрошил околу 1,47 милијарда фунти на фудбалери меѓу 18-та и 19-та титула, но важно е да се напомене дека „црвените“, исто така, заработија значителна сума преку продажба на играчи, наводно 936,6 милиони фунти во текот на тие 30 години, пишува „Би-би-си“.