Премиерлигашките клубови, како и менаџерите и капитените одделно, денеска треба да се состанат за да продискутираат за ескалацијата на кризата поврзана со ковид-19 и многуте одложени натпревари

ФУДБАЛ

Клубовите од англиската фудбалска Премиер-лига ќе се состанат денеска за да дискутираат за ескалацијата на кризата поврзана со ковид-19. Откако минатата недела беа одложени 10 натпревари, вклучувајќи и шест од 10-те викендов, клубовите сакаат да ги разгледаат опциите. Состаноци треба да одржат и менаџерите и капитените на клубовите, пишува „Би-би-си“.
Во меѓувреме, шефот на Премиер-лигата, Ричард Мастерс, им пиша на клубовите барајќи од играчите да се вакцинираат и ја истакна важноста лигата да ја заврши сезоната. Менаџерот на Астон вила, Стивен Џерард, рече дека се надева оти состаноците ќе „разјаснат многу неодговорени прашања“. Шефот на Брентфорд, Томас Френк, беше иницијатор за одложување на сите натпревари до 26 декември. Некои сметаат дека паузата треба да биде и подолга, но други, како што е Јирген Клоп, менаџерот на Ливерпул, не верува дека ќе се случи тоа.
– Не сум против прекин на лигата, но едноставно не гледам некаква корист од тоа. Да се запре значи да се прекине една или две недели, да не се играат натпревари. Кога сакате да ги играме? – вели Клоп.
Повеќето клубови и менаџери велат оти им е „потребна поголема јасност“.
– Ништо не е во мои раце, но јасноста и транспарентноста секогаш се добри за секоја тема. Ги знам правилата, ги прочитав, а потоа веднаш ги заборавив бидејќи ги има премногу – вели Томас Тухел, менаџерот на Челси.

Денешниот состанок нема да биде насочен само кон евентуален прекин на натпреварувањето и на тоа дали ќе има пауза. Има проблеми и околу презакажувањето на веќе одложените натпревари.
Каква е ситуацијата во другиот дел на Европа? Во Шпанија повеќе од 90 отсто од играчите се двојно вакцинирани, а и уште е дозволено стадионите да бидат со полн капацитет. Клубот не може да откаже натпревар сѐ додека има на располагање 30 регистрирани играчи од првиот и од вториот тим. Шпанската федерација најави промена на протоколот, според кој на играчите и на персоналот ќе им треба „еден антиген тест дневно и еден ПЦР-тест секои две недели“. Во Франција, 95 отсто од играчите се двојно вакцинирани и има мал број позитивни случаи. Од 22 декември ќе има двонеделна зимска пауза, период во кој голем дел од играчите нема да тренираат и да играат натпревари, што е голема разлика од Англија, каде што натпреварите се играат на три до четири дена. Во Германија, 94 отсто од играчите се двојно вакцинирани. Сепак, посетеноста на стадионите е ограничена на 50 отсто од капацитетите, односно дозволени се максимални 15.000 гледачи на трибините за да се минимизира ризикот од инфекција.