Рубен Дијаш (син дрес)

Манчестер сити ја совлада Борусија Менхенгладбах со 2-0 во осминафиналниот меч од фудбалската Лига на шампионите (ЛШ) одигран вечерва во Будимпешта, во кој одбраната на „граѓаните“ беше беспрекорна, докажувајќи дека е клучна за одличната резултатска низа на англискиот клуб од 19 победи во сите конкуренции. Бернардо Силва во 28-та и Габриел Жезус во 65-та минута беа стрелци против Борусија Менхенгладбах.

Сити е без примен погодок на четирите гостувања во тековната ЛШ на кои им дозволи на неговите ривали да упатат вкупно седум удари кон неговиот гол. А клубот од Манчестер прими само еден погодок на седумте одиграни средби сезонава во престижното натпреварување. Беспрекорната игра на „граѓаните“ во дефанзива во голема мера се должи на доаѓањето на стоперот Рубен Дијаш од Бенфика, во трансферот вреден 68 милиони евра минатото лето.

Сити исто така се доближува до рекордот на Баерн од 23 победи едноподруго во сите натпреварувања (најдолга низа за клуб од најсилните пет европски национални првенства), остварен на почетокот на сезонава, додека цели и кон симнување на Баварците од тронот во ЛШ.

Во вториот вечерашен меч Реал Мадрид славеше против Аталанта на гости со 1-0, благодарение на голот на Ферлан Менди во 86-та минута. Домаќинот играше со фудбалер помалку на теренот од 17-та минута кога беше исклучен Ремо Фројлер. Реваншите се закажани за 16 март.