Килијан Мбапе

ФУДБАЛ – РАНГ-ЛИСТА НА ЦИЕС

Вкупно 22 фудбалери од најсилните пет првенства во Европа имаат проценета вредност од повеќе од 100 милиони евра, објави Интернационалниот центар за спортски студии (ЦИЕС)

Фудбалерот на ПСЖ, Французинот Килијан Мбапе, кој е проценет на 259,2 милиони евра, го има првото место на листата што ја состави фудбалската опсерваторија на Интернационалниот центар за спортски студии (ЦИЕС), а која во својата анализа ги опфатила играчите од петте најдобри лиги во Европа.

Потоа на листата на ЦИЕС следуваат четворица Англичани, Рахим Стерлинг (25), со 194,7 милиони, кој е еден од водечките играчи на Манчестер сити и на Англија, потоа Џејдон Санчо (20), со 179,1 милиони, кој има одлична сезона во Борусија Дортмунд, Трент Александер-Арнолд (21) од Ливерпул, со 171,1 милион, и Маркус Рашфорд (22), со 152,3 милиони евра, кој за Манчестер јунајтед постигна 14 гола на 22 натпревари во Премиер-лигата сезонава.

Аргентинецот Лионел Меси (32) со 100,1 милиони евра е на 21-то место, а Португалецот Кристијано Роналдо со 62,8 милиони евра е на 70-то, објави ЦИЕС. Вкупно 22 фудбалери од најсилните пет првенства во Европа (Англија, Шпанија, Франција, Германија и Италија) имаат проценета вредност од повеќе од 100 милиони евра.

Алфонсо Дејвис со 19 години (деветти на листата, 133,5 милиони евра) е најмладиот фудбалер меѓу првите 20 на таа листа, пред Норвежанецот Ерлинг Холанд (15-ти, 107,3 милиони евра). Најскапи играчи по позиции се голманот на Манчестер сити, Едерсон Мораеш (86,8 милиони евра), Холанѓанецот Матијас де Лихт од Јувентус, со 104,7 милиони, за централни одбранбени играчи, Александар-Арнолд за бекови, Холанѓанецот Френки де Јонг од Барселона со 102,1 милиони за дефанзивни играчи од средниот ред, Бруно Фернандеш од Манчестер јунајтед со 104,9 милиони за напаѓачки играчи од средниот ред и Мбапе за напаѓачи, пишува ЦИЕС.

Истражувачката група на ЦЕИС специјализирана за фудбалска статистичка анализа во февруари објави дека Ливерпул го има највредниот состав во Европа, со вредност од 1,27 милијарда фунти, пред Манчестер сити, чија вредност беше проценета на 1,24 милијарда фунти, пишува „Би-би-си“.