Не сакам да бидам само американско момче што се обидува да биде фудбалски тренер. Сакам многу повеќе од тоа, вели Џеси Марш, тренерот на австриски Салцбург

Салцбург е есенски „хит“ во Лигата на шампионите (ЛШ), младиот Ерлинг Холанд е речиси на сите насловни страници, за него се заинтересирани повеќето врвни европски фудбалски клубови. Тренерот на австрискиот тим, Американецот, Џеси Марш (46), некако е во заднина, но има огромни заслуги за успесите и за играта што ја прикажуваат неговите избраници.
„Заборавете на американскиот сон. Марш го живее европскиот фудбалски сон и е во мисија да ги смени стереотипите“, се вели, меѓу другото, во написот на „Си-ен-ен“.
Марш е релативно непознат тренер, но откако е на клупата на Салцбург од јули годинава, неговиот скор е 17 победи, четири ремија и само два пораза, и тоа во ЛШ, од Ливерпул (3-4) и од Наполи (2-3). Во септември Салцбург го совлада Генк со 6-2, и тоа беше прва победа за австрискиот тим во ЛШ по 1994 година. Марш, пак, стана првиот тренер Американец чиј тим триумфирал во ЛШ.

– Не сакам да бидам само американско момче што се обидува да биде фудбалски тренер. Сакам многу повеќе од тоа – изјави Марш за „Си-ен-ен“.
Марш, кој е поранешен тренер на Њујорк Ред бул и потекнува од Висконсин, пристигна во Европа во летото 2018 година и во минатата сезона му беше помошник на Ралф Рагник во Лајпциг, во германската Бундес-лига. Според признанието на Марш, Рагник имал големо влијание врз него внесувајќи го во „размислувања на највисоко ниво во смисла на тактиката и воопшто фудбалот во Европа“.

Друго битно фудбалско влијание врз Марш имал Боб Бредли, поранешен селектор на САД, прв Американец менаџер во англиската Премиер-лига (на Свонси во 2016, но само по 85 дена доби отказ). Бредли, кој беше критикуван од англиските коментатори дека е „премногу Американец“, а сега тренер на Лос Анџелес, го тренирал Марш на универзитетот „Принстон“, подоцна и во ДЦ јунајтед и во Чикаго фајр, во американската МЛС-лига.

– Знам дека постојат различни мислења во Англија за Бредли. Повеќето беа негативни за американски менаџер во премиерлигашки клуб. Но за сите нас во САД тоа беше голема работа – вели Марш.
Марш признава дека немал никакво слично искуство од она што му се случило во Лајпциг и во Салцбург, но истакнува дека приспособувањето на Европа го почнал со уважувањето на нејзината култура.
– Бредли немаше успех каков што му посакувавме и се надевавме. Мислам дека е многу битно да се разбере фудбалската култура во Европа. За мене е навистина важно да го разберам јазикот, луѓето – објаснува Марш за „Си-ен-ен“.

Марш течно зборува германски, но се префрла на англискиот кога станува поемотивен. Тој дури ги знае разликите во дијалектот помеѓу германскиот во Лајпциг и германскиот во Салцбург. Марш вели дека не му било тешко да се приспособи бидејќи веќе работел со франшизата „Ред бул“ како менаџер на Њујорк. Англиската Премиер-лига тој ја смета за голем предизвик, бидејќи Бредли останува единствениот Американец што работел таму.

– Верувам дека има предрасуди за американските тренери таму. Но, на крајот, некој ќе мора да се обиде да го промени тоа, не знам дали јас ќе бидам тој – вели Марш.
Освен тоа што го научи јазикот и се претопи во локалната култура, поддршката што ја доби Марш во Лајпциг и во Салцбург беше клучна за неговиот успех.
– Бев третиран како млад тренер што поминува низ системот во кој тие веруваа и мислам дека тоа ми помогна. Тој вид поддршка придонесе да бидам успешен во ова опкружување. Без разлика дали тоа е Премиер-лигата или австриската Бундес-лига, тренерите треба да бидат опкружени со луѓе што веруваат во нив и ги поддржуваат – рече Марш.

За Марш, успехот не се мери според бројот на трофеи. Тој смета дека најбитно е „создавање позитивна средина за учење во која луѓето ќе можат да напредуваат и да го дадат најдоброто од себе“.