Есенва би можеле да се играат по три наместо по два меча во проширените термини за меѓународни натпревари

Европската фудбалска унија (УЕФА) ја разгледува можноста за воведување три нови меча во постојните термини за одигрување меѓународни натпревари, но е против какви било промени или откажување на Лигата на нации (ЛН).
Комитетот за натпревари на националните тимови на УЕФА на состанокот разговарал за можноста репрезентациите да играат по три натпревари, а не по два, во проширените термини за меѓународни средби. Тоа значи дека есенва би се играле мечеви со ритам среда-сабота-вторник или четврток-недела и среда, објави „Телеграф“.

Извршниот комитет (ИК) на УЕФА треба да ги ратификува предлозите за промени на постојниот календар на наредниот состанок, на 27 мај. Како и да е, сево ова подразбира дека, и покрај згуснатиот распоред на натпреварите, УЕФА нема планови да ги одложи или откаже мечевите во ЛН. Македонија е во Лига Ц, група 2, со Грузија, Естонија и со Ерменија. Термините за натпреварите се 5 и 8 септември, 8 и 11 октомври и 13 и 16 ноември.

Работната група на УЕФА уште ги разгледува и опциите како да се завршат натпреварите во ЛШ и во ЛН, до 31 август. Финалето во ЛШ се планира за 29 август, а во УЕФА размислуваат и за играње по еден, наместо по два натпревара, во четврт-финалето и во полуфиналето.