Мохамед Салах даде два гола

Манчестер јунајтед загуби од Кристал палас, на „Олд трафорд“, 1-2, првпат по 1989 година

Европскиот првак Ливерпул забележа очекувана, па и рутинска победа над Арсенал (3-1) на стадионот „Енфилд“, по што е единствениот тим со максимален ефект по трите кола во Премиер-лигата во новата сезона. „Црвените“ немаат проблеми со „топчиите“, против кои од допаѓањето на Јирген Клоп во октомври 2015-та досега, на осум меча (пет победи и три ремија), имаат дадено 26 гола, најмногу во дуелите меѓу два тима во оваа конкуренција во тој период. Лани беше 5-1, а претходно, на последната сезона под водство на Арсен Венгер, Арсенал загуби со 0-4.

Ливерпул целата работа ја заврши до 58-та минута, кога поведе со 3-0, по што „крена рачна“ и го забави темпото.
– Ние не сме Дизниленд, нема потреба некого да возбудуваме секоја секунда – ја објаснуваше Клоп стратегијата по мечот.
Триумфот на Ливерпул беше единствен за домашните тимови на шесте саботни натпревари. На преостанатите пет триумфираа гостите!

Манчестер јунајтед доживеа изненадувачки пораз на „Олд трафорд“, од Кристал палас, 1-2, прв по 1989 година, со голот на Патрик ван Анхолт во 93 минута! Ветеранот Гери Кејхил (33), кој со Челси освои повеќе трофеи и беше прогласен за играч на натпреварот, во дресот на четвртиот тим во кариерата првпат ја почувствува радоста на победата на „Олд трафорд“.

Новиот менаџер на Челси, Франк Лампард, во третата рунда ја прокнижи првата победа, на гости над Норич, 3-2. На натпреварите на новиот премиерлигаш Норич, од почетокот на ланската сезона, во Чемпионшип, па досега биле постигнати 164 гола (99 дадени, 65 примени) најмногу во сите четири професионални лиги на Англија. Финецот Тему Пуки повторно даде гол за Норич, на третиот меч по ред, вкупно петти сезонава. Тој е 10-от фудбалер што дава гол и повеќе на првите три меча во Премиер-лигата. Пет гола на трите премиерни средби во Премиер-лигата во кариерата има дадено и Павел Погребњак.