Фото: ФФМ

Селекторот Благоја Милевски пред дуелот со Германија

Селекторот на македонската фудбалска репрезентација, Благоја Милевски, на денешната прес-конференција пред утрешниот квалификациски дуел против фаворитот Германија во Скопје, вели дека националната селекција треба да влезе со верба дека може да победи, без разлика на противникот.

Македонските фудбалери со убедлив триумф кај Лихтенштајн (4-0) влегуваат во дуелот со Германците кои сигурно ќе сакаат да се реваншираат за поразот што „рисовите“ им го нанесоа во Дуисбург.

– Мора да бидеме на едно врвно ниво во тактичката дисциплина, да бидеме прецизни во изведбата на тактиката и инивидуално и поединечно. Го почитуваме противничкиот тим, тоа е силен состав, сите знаеме која е Германија, но за утрешниот резултат ќе се прашува и Македонија. Треба да веруваме во себе, секогаш кога ќе излеземе на терен – смета Милевски.

Тој смета дека со новиот селектор германските репрезентативци сега се со нови задолженија.

– Сегашниот начин на кој игра Германија е многу поразличен од тој со претходниот селектор. Тие се играчите, но со сосема различни задолженија. Сега како ќе одиграат утре, тоа низ анализите можеме да го претпоставиме, но не е гаранција дека така ќе играат и со нас. Нѐ очекува меч во кој треба да го дадеме максимумот и да уживаме во натпреварот, за да постигнеме резултат треба да бидеме на највисоко ниво. Сите селекции, па дури и Германија, имаат слаби страни, наше е да ги искористиме – категоричен е Милевски.

Селекторот повторно потенцираше дека главна цел на овој македонски состав е воигрување за следните квалификации.

– Ние имаме јасна цел и визија. Сме во една фаза на создавање на нов лик и нова физиономија на репрезентацијата со крајна цел на создавање на тим кој ќе биде конкурентен за квалификациите за ЕП, дотогаш секој меч ќе ни служи за да ги реализираме новите идеи и замили. Ги гледам играчите дека новиот стил им годи и тоа ми радува – заклучи тој.


Ристовски: Ако се поклопат работите, може да изненадиме

Капитенот на фудбалската селекција на Македонија Стефан Ристовски во пресрет на утрешниот квалификациски дуел со Германија за пласман на СП во Катар верува дека може да се повтори чудото од Дуисбург.

– Зошто да не се повтори таков резултат како во Дуисбург, и ние имаме играчи кои се носители во своите тимови. Ако се поклопат работите може да изненадиме. Секој меч е искуство, без разлика дали играте против аутсајдер или гигант. Европското првенство ни е големо искуство кое ќе ни користи. Видовме дека големите репрезентации не простуваат грешки, мора да бидете максимално концентрирани во текот на сите 90 минути ако сакате да дојдете до позитивен резултат – вели Ристовски.

За разлика од претходниот меѓусебен дуел, Македонија е без тогашниот селектор Игор Ангеловски, но и без капитенот Горан Пандев.

– Секој селектор си има свои идеи, свои новости, секако дека новиот селектор освежи со свои идеи. Ние сме професионалци и треба да ги изведеме тие идеи. Без разлика на противникот, идеите се тие, наше е да одговориме на теренот. Против репрезентација како Германија мора да се одигра со една врвна дисциплина. Горан фали и ќе фали. Но не е професионално да се враќаме назад, треба да гледаме напред. Жал ми е што Барди нема да игра утре, но кој и да игра на негово место ќе одговори на задачата – смета Ристовски.