Фото: Игор Бансколиев

Репрезентативецот на Македонија по 18 кола има коефициент еден (18 примени гола на 18 меча), а подобар од него со ист број натпревари до минатото коло беше само Тибо Куртоа од Реал Мадрид

ФУДБАЛ – ШПАНИЈА

Македонскиот репрезентативец Столе Димитриевски и понатаму високо котира на ранг-листата на најдобри голмани во шпанското фудбалско првенство, во трката за престижната награда „Рикардо Замора“. Тој на 18 натпревари за Рајо Валјекано сезонава прими 18 гола (со тоа има коефициент еден) и пред натпреварите синоќа во шпанскиот шампионат беше на првото место.
До ова коло водечки беше Белгиецот Тибо Куртоа од Реал Мадрид со коефициент 0,88, со 15 примени гола на 17 натпревари (Реал Мадрид синоќа во 18. коло играше дома со Кадиз). Куртоа ја освои наградата во сезоната 2019/2020.
Димитриевски (27), кој во минатите 10 сезони во Шпанија бранеше за Гранада, Кадиз, Гимнастик и за Рајо Валјекано, по половина од сезоната во шпанското првенство ќе остане во трката за вредната награда, која ја доделува шпанскиот спортски дневен весник „Марка“ од 1958 година.
Од другите, голманот на актуелниот шампион Атлетико Мадрид, Словенецот Јан Облак, ланскиот добитник на признанието „Рикардо Замора“, со примени 20 гола на 17 натпревари има коефициент 1,18, Диего Лопез од Еспањол прими 21 гол на 18 меча и има коефициент 1,17, итн.
Облак е еден од тројцата рекордери во оваа категорија, бидејќи има пет трофеи (во 2016, 2017, 2018, 2019 и во 2021 година), како и Виктор Валдес и Антони Рамалетс.
Наградата го носи името на Рикардо Замора, шпанскиот легендарен голман од 30-тите години на минатиот век. За да конкурира за наградата, во текот на сезоната голманот во шпанското фудбалско првенство мора да одигра најмалку 28 меча и во секој од тие натпревари на теренот да биде најмалку по 60 минути.