Поранешниот капитен на фудбалската репрезентација на Англија, Дејвид Бекам, се сели во виртуелниот свет како косопственик на почетниот стартап во е-спорт, со седиште во Лондон, Гилд е-спорт, од каде што велат дека ќе отвораат академии за играчи и ќе раководат со тимови во различни арени за е-спорт, вклучувајќи ги и ЕА спорт, ФИФА, Фортнајт…, пишува агенцијата „Ројтерс“.

– Имаме визија да поставиме нов стандард, да ги поддржуваме овие играчи во иднина. Посветени сме на негување и на поттикнување младински таленти преку нашите академски системи и со нетрпение очекувам да му помогнам на нашиот тим да напредува – рече Бекам, кој истовремено е косопственик на Интер Мајами, во фудбалската лига на САД.

E-спортовите имаа голем раст за време на пандемијата на коронавирусот, а според аналитичката платформа „Њузу“ глобалниот пазар на е-спортот ќе генерира приходи од 1,1 милијарда долари во 2020 година и 1,56 милијарда долари до 2023 година, пишува „Ројтерс“.