Во минатите 25 години (првиот меч е одигран на 13 октомври 1993 година) македонската фудбалска репрезентација одигра вкупно 222 натпревари и постигна рамно 250 гола. Досега Македонија одигра 104 меча на домашен терен, а вкупно шест града беа домаќини – 93 пати Скопје, пет пати Прилеп, трипати Струмица и по еднаш Кочани, Тетово и Куманово. На тие домашни средби Македонија забележа 40 победи (33 во Скопје, четири во Прилеп, две во Струмица и една во Тетово), потоа 21 нерешени (17 во Скопје и по една во Прилеп, Струмица, Кочани и во Куманово), како и 43 порази (сите во Скопје). Македонија досега одигра 97 средби на гости, забележувајќи 16 победи (највисоки се победите со 11-1 над Лихтенштајн, 4-1 над Луксембург, по 3-0 над Андора и над Лихтенштајн…), 28 нерешени (од тоа двапати со Англија, 2-2 и 0-0) и 53 порази (највисоки од Унгарија 0-5, Чешка 1-6, Шпанија 1-5…). Црвено-жолтите одиграа и 22 средби на неутрален терен, со по седум победи и порази и осум ремија. Најзначајните „неутрални“ победи се над Јамајка, Еквадор, Турција…