Нашата мисија е да го испланираме и обликуваме фудбалот на утрешнината и да ја подобриме конкуренцијата на глобалниот фудбал. Имавме многу поплаки дека имавме маратон на мечеви, што значи дека играме премногу натпревари. Сакаме натпревари со значење и сакаме да играме на највисоко ниво и да не создаваме квантитет, туку квалитет на мечевите. Имате 20 проценти репрезентативен фудбал и 80 проценти клупски фудбал, сакаме да ја одржиме таа рамнотежа, но само сакаме да ја реорганизираме на поефикасен начин, рече Венгер, шефот на ФИФА за глобален развој на фудбалот

Арсен Венгер ги претстави своите перспективи за „фудбалот на утрешнината“ во детална презентација, која ги истакна не само постојните проблеми со меѓународниот календар на натпревари туку и можностите што ги има глобалниот фудбал со реорганизација по 2024 година, пишува Светската фудбалска федерација (ФИФА) на својата интернет-страница.
Шефот на ФИФА за глобален развој на фудбалот зборуваше на дигитална прес-конференција, во која беа вклучени медиуми од целиот свет, што следуваше по дводневниот состанок на Техничката советодавна група на ФИФА за иднината на фудбалот за мажи, на која присуствуваа група фудбалски ѕвезди, во Доха, Катар.
– Нашата мисија е да го испланираме и обликуваме фудбалот на утрешнината и да ја подобриме конкуренцијата на глобалниот фудбал. Имавме многу поплаки дека имавме маратон на мечеви, што значи дека играме премногу натпревари. Сакаме натпревари со значење и сакаме да играме на највисоко ниво и да не создаваме квантитет, туку квалитет на натпреварите – рече Венгер, пренесе ФИФА.
Поранешниот менаџер на Арсенал изјави дека со намалување на сегашната ситуација на „запри и оди“ на репрезентативните натпревари што се појавуваат во текот на клупската сезона, постои можност за помало патување на играчите, намалување на заморот на играчите и можност за повеќе значајни натпревари.
– Не бараме да го зголемиме бројот на натпревари и ние сме многу свесни за тоа. Она што е најважно за мене се мечевите со значење. Сакаме да им го дадеме на гледачите она што тие го бараат денес, а тоа се значајни мечеви. Сакаме да одговориме на тоа очекување – рече тој.

Шефот на ФИФА за глобален фудбалски развој, исто така, се осврна и на потребата календарот да одговори на зголемениот јаз помеѓу конфедерациите каде што нокаут-фазите на Светското првенство се со селекции од еден или два географски региони.
– Многу конфедерации немаат пристап до натпревари од највисоко ниво и на овој начин, тие немаат шанса да го намалат јазот меѓу себе и големите конфедерации. Јас лично се борам со идејата дека работам за фудбал, но ситуацијата постои кога момче што е родено некаде нема иста шанса како друго момче родено во земја што е надарена за структуриран фудбал и развој на таленти. Сакам да му дадам шанса на секој талент, и на овој начин, исто така, лично мислам дека тековниот меѓународен календар на натпревари е застарен – рече тој.
Неговите размислувања беа споделени и со група играчи ѕвезди што ја сочинуваат техничката советодавна група на ФИФА за иднината на фудбалот за мажи и кои дадоа детални повратни информации за плановите на Венгер.
– Имате 20 проценти репрезентативен фудбал и 80 проценти клупски фудбал, сакаме да ја одржиме таа рамнотежа, но само сакаме да ја реорганизираме на поефикасен начин. Ова значи прегрупирање и намалување на квалификациите, создавање подолги периоди за играчите да останат во своите клубови и да се воспостави гарантиран период за одмор за фудбалерите секоја година – вели Венгер.
Предлогот се обидува да ги прегрупира глобалните и регионалните национални тимски турнири на структуриран начин, пишува ФИФА.

– Она што го гледам со ревидиран календар е опцијата да се организира Светско првенство во 2026 година, а потоа во 2027 година можете повторно да ги прегрупирате континенталните турнири, а потоа во 2028 година, да го одржите Светското првенство. Постои постојана еволуција на светските првенства откако почна со 13 репрезентации во 1930 година, до ситуацијата во 2026 година, кога ќе имаме 48 селекции на завршниот турнир. Времињата се менуваат, а и однесувањата. Живееме во брзо општество со е-спорт, а новите генерации се навикнати да имаат брзи, моментни одговори за она што го сакаат. Исто така, имате глобализација и нов начин на размислување. Мислам дека начинот на кој се обликува овој предлог ќе создаде нов начин на размислување. На пример, Европското првенство беше преместено во 2021 година поради ситуацијата со ковид, и тоа беше фантастично натпреварување, а следната година имаме Светско првенство. Не ми се чини дека има некаков проблем со тоа. Дури и би рекол дека изгледа дека ЕП веќе заврши одамна, и сите ние со нетрпение чекаме да го имаме следното Светско првенство. Гледачите имаат корист затоа што мислам дека тие го заслужуваат правото почесто да ги гледаат натпреварите со врвен квалитет, а играчите ќе имаат намалување на тековниот товар за патување, ќе играат поконкурентни натпревари и ќе имаат повеќе шанси да учествуваат на светските првенства – рече Венгер, шефот на ФИФА за глобален фудбалски развој, пренесе ФИФА.