Според некои податоци, најбрзиот атлетичар на светот Усеин Болт, најбрзата делница од трката на 100 метри ја поминал со брзина од 44,72 км на час, тогаш рекордот на Ван Дајк за сезонава во ЛШ од 34,5 км/ч во копачки е за секоја почит

Според податоците од едно истражување за најбрзите фудбалери во годинашнава Лига на шампиони (ЛШ), на големо изненадување на листата од пет најбрзи го нема, на пример, Килијан Мбапе (ПСЖ), кој против Манчестер јунајтед истрчал 28,5 метри за само 3,24 секунди, ниту Мохамед Салах, Кристијано Роналдо, Лионел Меси…

На прво место е централниот одбранбен играч на Ливерпул, Вирџил ван Дајк. Холанѓанецот на дуелот со Барселона истрчал со брзина од 34,5 км/час во историската елиминација на Каталонците, односно во победата со 4-0 на стадионот „Енфилд“. Според некои податоци најбрзиот атлетичар на светот Усеин Болт од Јамајка, најбрзата делница од трката на 100 метри (помеѓу 60-от и 80-от метар), ја поминал со брзина од 44,72 км, тогаш, рекордот на Ван Дајк е за секоја почит, особено ако се знае дека фудбалерот трчал во копачки и по тревен терен.

На втората позиција во елитното клупско натпреварување е крилото Лирој Сане (Манчестер сити), кој во мечот против бундеслигашот Хофенхајм, на теренот во „Етихад“, истрчал спринт со брзина од 34,4 км/час.

На третата позиција се најдоа двајца фудбалери. Напаѓачот на Црвена звезда Немања Радоњиќ во квалификациите за пласман во групната фаза против австриски Салцбург истрчал спринт од 34,2 км/час. Патем, за него ова било последен меч за белграѓаните, оти потоа поминал во редовите на француски Марсеј. Истата брзина ја повторил и англискиот десен бек Кајл Вокер и тоа во четврт-финалето на ЛШ против својот поранешен клуб Тотенхем. На петтата позиција е Велшанецот Герет Бејл, кој ги брани боите на Реал Мадрид. Тој во еден миг на средбата против италијанска Рома остварил брзина од 33,8 км на час.