Фото: ФФМ

Ердал Ракип (Малме) и Адис Јаховиќ (Гезтепе) ќе ги пропуштат одлучувачките квалификациските натпревари за Светското првенство во Катар в година, против Ерменија и Исланд. Селекторот Благоја Милевски дополнително ги повика во националниот тим Енур Тотре и Доријан Бабунски.

ФФМ информира дека Ракип има болка во коленото, а денешниот извештај од магнетната резонанца ќе потврди колку време ќе отсуствува од теренот. Јаховиќ поради повреда излезе во 16-та минута во вчерашниот настап за својот тим Гезтепе против Конјаспор од турското првенство.

Денеска во 12 часот во хотел „Хилтон“, националниот тим го има првиот собир спроти последните два меча од мундијалските квалификации. Првиот тренинг е денеска од 17 часот на тренинг центарот „Петар Милошевски“.

Македонија на 11 ноември ќе гостува во Ерменија, а три дена подоцна, овој квалификациски циклус ќе го заврши во Скопје, против Исланд.