ФУДБАЛ – ШПАНИЈА 

Кадиз, кој сезонава е непредвидлив и забавен како и самиот град, ги победи Реал Мадрид и Барселона и по 15 меча е на 11-то место во Ла лига. Кадиз тргна по нагорна линија со Алваро Сервера, кој стана тренер во 2016 година кога играше во Третата лига, а човекот на чело на овој нов проект во Ла лига е Мануел Вискаино, поранешен потпретседател на Севилја, кој е претседател на Кадиз од 2014 година

По 14 сезони отсуство од шпанската Ла лига, од кои седум во Третата лига, Кадиз, фудбалскиот тим од прекрасниот, живописен град, што нуди многу забава, повторно е во прв план. Кадиз, кој сезонава е непредвидлив и забавен како и самиот град, ги победи Реал Мадрид и Барселона и по 15 натпревари е на 11-то место во Ла лига.
Градот на морскиот брег, во Андалузија, на југот од Шпанија, е преполн со атрактивни глетки и добро зачувани историски знаменитости до кои се доаѓа преку двата главни моста. Надалеку е познат карневалот, двонеделната забава што датира од 16 век, втора по важност во светот, по Рио де Жанеиро. Луѓето од Кадиз се познати и по својата љубов кон правењето шеги и по забавите.
Во моментов нивниот фудбалски тим ги стави и на европската фудбалска мапа, пишува Гилјем Балаге, шпанскиот фудбалски коментатор на „Би-би-си“.
Кадиз тргна по нагорна линија со Алваро Сервера, кој стана тренер во 2016 година кога играше во Третата лига. Таа сезона Кадиз се пласира во повисок ранг, а конечно минатата сезона во четвртиот обид се врати во Првата лига.

Тимот е обликуван според замислите на Сервара. Тие имаат свои фрази со иницијали испишани на маиците и испечатени на sидовите на тренинг-центарот, како и во соблекувалната на стадионот. Тоа е движечката сила зад клупскиот етос: „За борбата не се преговора“ (LLNSN – La Lucha no se negocia), фразата што потекнува од една прес-конференција на Сервера, во втората сезона во клубот. Фразата од тој ден станала мантра на Кадиз.
Играта на тимот на Сервера не се базира врз посед на топката, затоа што тој сфаќа оти нема доволно квалитетни играчи за тоа. Но тој верува дека неговите методи се легитимен начин да се победи. Сезонава сфаќањето дека ќе ја немаат топката многу во свој посед е клучот за нивните победи. Натпреварот против Барселона беше пример за тоа. Сервера се обидел да има повеќе контрола на средината на теренот, со компактни линии, за да се оневозможи Лионел Меси. Она што е најважно за Сервера е тоа што тој има играчи што веруваат целосно во неговата филозофија и тој го изгради својот тим околу нив. Победите против Реал Мадрид, Атлетик Билбао и против Барселона се доказ за позитивната стара максима дека понекогаш она што е најважно не е кучето во борбата, туку борбата во кучето, пишува „Би-би-си“. Имаше и доста проблеми како на мечот против Селта во Виго кога по првото полувреме беше 0-4. Бесот на клупата на Сервера беше толку видлив што некои се исплашија за безбедноста на играчите во соблекувалната. Гневот не беше затоа што неговиот тим губи, туку затоа што во ужасните први 45 минути тие го сторија непростливиот грев, не се бореа.

Човекот на чело на овој нов проект во Ла лига е Мануел Вискаино, поранешен потпретседател на Севилја, кој е претседател на Кадиз од 2014 година. Тој нема никакви илузии во врска со улогата на клубот во Ла лига и оти, на краток рок, единствениот приоритет е да се избегне испаѓање. Континуираното играње во Ла лига ќе обезбеди повеќе приходи од ТВ-правата и со тоа повеќе можности да се биде конкурентен на трансфер-пазарот.

– Сакам Кадиз да биде тим на мажот и на жената на улица, на нормалните луѓе. Го знаеме нашето ниво, ја знаеме нашата позиција и сигурни сме дека секоја година ќе бидеме подобри – вели Вискаино, додавајќи оти најголемата радост како претседател му е кога ќе го слушне последниот свиреж на судијата, кога неговиот тим постигнал повеќе голови од противникот.