Капитенот на фудбалската репрезентација Горан Пандев и Игор Ангеловски кој ја предводеше националната селекција на изминатото Европско првенство во фудбал, беа на прием кај диркеторот на Агенцијата за млади и спорт (АМС) Наумче Мојсовски.
Историскиот пласман на Европското првенство на македонската фудбалска репрезентација, како и долгогодишните успешни настапи на една од најголемите фудбалски легенди беа повод АМС да организира прием на Пандев и Ангеловски. На приемот беа искажани импресиите од историскиот настап на нашата репрезентација на Европското првенство.
– Европското е голем успех за секоја репрезентација, особена за нашата. И покрај големите остварувања во мојата долгогодишна фудбалска кариера, за мене настапот на европско првенство со мојата репрезентација е моментот кој го чекав сите овие години – истакна Пандев.
Ангеловски кажа дека имал огромна чест да биде прв селектор-предводник на репрезентација која настапува на едно големо натпреварување како што е европското првенство.
– Тимот докажа дека кога има слога, има и успех. Без разлика кој од каде доаѓа нашите репрезентативци докажаа дека сплотеноста на тимот е предуслов за тоа што го постигнавме. Покажавме дека сме мала земја со големо срце – порача Ангеловски.
Мојсовски им се заблагодари на Пандев и на Ангеловски и им додели благодарници за досегашните успеси и за сите позитивни емоции кои ги предизвикаа кај целокупната нација.
– Јас доаѓам од спортот и знам како треба да се вреднува спортскиот дух. Мојата цел како директор на Агенција за млади и спорт и на секој еден кој бил дел од спортот да го добие тоа што го заслужува, а за тоа потребна е добра организација, тимска работа и пред се’ чесна трудољубива работа и на самите спортисти, како и на клубовите и федерациите кои ги поддржуваат. Најдобар пример за тоа се капитенот Пандев и селекторот Ангеловски – кажа директорот на АМС.