За време на мечот на Динамо Брест против Шахтјор Солигорск (2-0), во Купот на Белорусија, на трибините се наоѓале околу 1.000 гледачи, меѓу кои и неколку десетини виртуелни „навивачи“ од неколку земји
Виртуелни билети преку Интернет, портрети и манекени, е начинот на кој белорускиот фудбалски клуб, актуелниот првак Динамо Брест се обидува да ги пополни празните трибини, бидејќи навивачите сѐ повеќе остануваат дома за време на кризата со коронавирусот. Навивачи од целиот свет се канат да купуваат виртуелни билети преку Интернет, а за возврат, фотографии со нивните лица се залепуваат на куклата манекен што е на трибините.
Виртуелните навивачи добиваат и програма од натпреварот на домашна адреса. Собраните пари ќе бидат донирани за борбата против пандемијата на коронавирусот.
За време на мечот против Шахтјор Солигорск (2-0), во Купот на Белорусија, на трибините се наоѓале околу 1.000 гледачи, меѓу кои и неколку десетини виртуелни „навивачи“ од неколку земји, од САД, Канада, Велика Британија, Русија, Шпанија, Обединетите Арапски Емирати.
– Тоа е наша креативна идеја. На овој начин виртуелниот гледач, кој го следи натпреварот на телевизија, може да се види себеси на трибините. Не се обидуваме да имитираме полна трибина и ги разбираме навивачите што не сакаа да дојдат на натпреварот – вели генералниот секретар на Динамо, Владимир Мачулски, за агенцијата АП.
Продажбата на виртуелните билети се чини дека е профитабилна за Динамо. Тие ги продаваат за 67 белоруски рубли (околу 24 евра), пет пати повеќе од цената за најскапиот обичен билет на Интернет. Но и во Белорусија се чувствува влијанието на пандемијата, што се гледа и од тоа дека Динамо на првиот меч минатиот месец имал 5.000 гледачи на трибините, а на мечот од Купот околу 1.000.