Кога некој како Ван Бастен ќе каже нешто, треба да видете што мисли. Тој зборува и за комуникацијата. Работиме на тоа, но секако дека можеме подобро. Критиката не е лоша, таа помага да се подобрите, вели Де Лихт
Холандија беше меѓу првите репрезентации на фудбалското Европско првенство (ЕП) што го обезбеди првото место во група со двете последователни победи, над Украина (3-2) и над Австрија (2-0), но и покрај тоа имаше доста критики за нивната игра.
Легендарниот напаѓач, и некогашен селектор на „лалињата“, стрелецот на прекрасниот гол во финалето на ЕП 1988, Марко ван Бастен, го критикуваше дефанзивецот Матијас де Лихт, кој се врати во тимот по повредата на препоните.
– Тој е главен во одбраната со пет играчи и треба подобро да комуницира со нив, да ги предвидува работите на теренот и да биде поконцентриран. Тој отиде во Италија за да научи како подобро да игра во одбраната, но мислам дека таму не научи многу – изјави Ван Бастен на холандската телевизија во анализата на мечот со Австрија.
На забелешките на Ван Бастен следуваше и реакцијата на Де Лихт (21).
– Кога некој како Ван Бастен ќе каже нешто, треба да видете што мисли. Тој зборува и за комуникацијата. Работиме на тоа, но секако дека можеме подобро. Критиката не е лоша, таа помага да се подобрите – вели Де Лихт.
По мечот со Австрија, слична на Ван Бастен, беше и реакцијата на Рафаел ван дер Варт, исто така, познат поранешен репрезентативец, сега стручен коментатор на телевизија.
– На крајот бев разочаран. Против тим како Австрија треба да создадете седум до осум шанси. Не видов некаков напредок. Да, не примивме гол, но тоа никогаш и не требаше да се случи против послабиот противник – рече тој за телевизијата НОС.