Шпанскиот тенисер Рафаел Надал кој неодамна означи крај на својата кариера како освојувач на 22 Грен слем трофеи, одлучи да продаде дел од својот удел во својата тениска академија за 94 милиони евра.
Надал ја основа Академијата во 2016 година како начин да му „врати нешто“ на спортот со создавање на следната генерација тениски шампиони во неговиот роден Манакор. Академијата оттогаш претрпе повеќекратни проширувања, а изграден е и хотелски комплекс, што доведе до промени во локалните закони за домување, а во кој цените достигнаа 500 евра за ноќ во шпицот на сезоната.
Според извештаите, Надал продаде речиси половина од својот удел (44,9%) во академијата за близу 95 милиони евра на приватната компанија GPF Capital. Компанијата со седиште во Мадрид првпат купи удел во Академијата во ноември 2023 година.
За споредба, Надал во својата кариера како професионален тенисер заработи 134 милиони долари од турнирски победи.
Минатата есен, поројните поплави резултираа со голема штета на објектите на Академијата во Мајорка, за што беа потребни милиони евра за поправка. Академијата, инаку, има 40 земјени и тврди терени во затворени и отворени, како и базени, терени за падел, фудбалско игралиште, хотел, па дури и меѓународно училиште.