На списокот на селекторот Никола Матијашевиќ има 18 проверени и искусни одбојкари, кои од понеделник ќе се подготвуваат во Скопје, во јули ќе тренираат во Маврово, а од август уште и во Австрија и во Словенија

Селекторот на македонската машка одбојкарска репрезентација, Никола Матијашевиќ, го објави списокот со репрезентативци што ќе се подготвуваат за деби-настапот на Европското првенство (ЕП) од 12 до 29 септември годинава.
На списокот на Матијашевиќ се Никола Ѓоргиев, Ѓорги Ѓоргиев, Филип Деспотовски, Марко Јуниор Стошиќ, Дарко Ангеловски, Филип Николовски, Владо Милев, Славе Наков, Александар Љафтов, Марјан Урдов, Александар Милков, Иван Андонов, Филип Маџунков, Ѓоко Јосифов, Васе Махаилов, Стојан Илиев, Лука Костиќ и Ристо Николов.
Станува збор за проверени имиња, кои неколку сезони настапуваат за репрезентацијата, во Европската сребрена лига, и кои успешно ги поминаа квалификациите и обезбедија прв настап на ЕП.

Собирот на репрезентативците е закажан за недела во Скопје, а подготовките ќе почнат в понеделник и ќе траат до 2 јули. Потоа ќе следува мал одмор, по што подготовките ќе продолжат во Маврово, од 14 јули до 14 август. Кон крајот на август, на 30 и 31-ви, во Скопје треба да се одржи силен меѓународен турнир, 43-от традиционален меморијален турнир „Бранко Хаџи-Иљоски Чајка“, на кој ќе настапат Македонија, Бугарија, Украина и Белгија. По ова би требало да се оди за Австрија, потоа и за Словенија на завршни подготовки и одигрување неколку контролни средби.

Македонија е во групата Ц, во Љубљана, заедно со домаќинот Словенија, Финска, Русија, Белорусија и со Турција. Во премиерниот меч на ЕП, на 12 септември, Македонија треба да игра против Финска.

На 31-то ЕП првпат ќе настапат 24 репрезентации поделени во четири групи од кои најдобрите 16 ќе се пласираат во нокаут-фазата. Првпат завршницата ќе се одржува во четири земји, во Франција, Белгија, Словенија и во Холандија, со финале во Париз, Франција.