Сакаме да провериме некои од помладите одбојкари за да видиме со каков потенцијал располагаат и колку ќе можеме да сметаме на нив, вели селекторот Матијашевиќ, на почетокот од подготовките за ЕП 2019
Машката одбојкарска репрезентација на Македонија ги почна подготовките за деби-настапот на Европското првенство (ЕП) што од 12 до 29 септември годинава ќе се одржува во Франција, Холандија, Белгија и во Словенија. Подготовките на македонските одбојкари во т.н. прва фаза ќе се одвиваат во Скопје, до 22 јуни.
– Тренинзите ќе бидат комбинирани, трипати неделно во сала за вежбање, и попладне во сала (Кале – н.з.), со не толку силен интензитет. Ова е своевидна предфаза која е неопходна по напорната сезона. Ќе направиме повеќе неопходни тестови, сакаме да провериме некои од помладите одбојкари за да видиме со каков потенцијал располагаат и колку ќе можеме да сметаме на нив. Моментно на располагање се 16 од 18-те повикани одбојкари, недостигаат само Ѓоко Јосифов, кој не се јави, и Александар Милков, кој е во фаза на рехабилитација по полесната операција на коленото и подоцна ќе ни се приклучи – вели селекторот, Србинот Никола Матијашевиќ.
Македонија е во групата Ц (мечевите ќе се играат во Љубљана), со домаќинот на турнирот, Словенија, европскиот првак Русија, Турција, Белорусија и со Финска. Пласман во осминафиналето ќе обезбедат четирите најдобри селекции од секоја од четирите групи.
МАКЕДОНИЈА
Никола Ѓоргиев
Ѓорги Ѓоргиев
Филип Деспотовски
Марко Јуниор Стошиќ
Дарко Ангеловски
Филип Николовски
Владо Милев
Славе Наков
Александар Љафтов
Марјан Урдов
Александар Милков
Иван Андонов
Филип Маџунков
Ѓоко Јосифов
Васе Махаилов
Стојан Илиев
Лука Костиќ
Ристо Николов