Техно
По претходните информации дека „онор 80 про плас“ ќе има главна камера од 200 мегапиксели, се чини дека има промена во плановите на компанијата.
Претходнo за претстојната серија „онор 80“, односно стандардниот модел и моделите „про“ и „про плас“ со процесори „дајменсити 1080“, „снепдрагон 778Г“ и „снепдрагон 8+ Ген 1“, се споменуваше камера од 200 мегапиксели за најдобриот модел, но сега пристигнаа нови информации.
„Онор 80 про плас“, наводно, ќе има задна камера од 160 мегапиксели, иако прототипот всушност има камера од 200 мегапиксели. Тоа значи дека челниците на компанијата се премислиле, но официјална потврда сѐ уште нема, па дури е можна и нова промена на планот. „Про плас“ ќе добие две предни камери од 50 мегапиксели, а се споменува и неодамна претставениот сензор „сони ИМХ890“.
Што се однесува до екранот, тој ќе биде 6,78-инчен АМОЛЕД со резолуција од 1.200 x 2.652 пиксели, а споменатиот процесор ќе биде комбиниран со 12 гигабајти РАМ и 256 гигабајти внатрешна меморија. Уредот ќе се напојува од батерија со поддршка за брзо полнење од 100 вати.
„Онор“ сѐ уште не го соопшти датумот на претставување на серијата 80, а со оглед на тоа дека на 23 ноември ќе ја претстави предводничката серија „меџик5“, се очекува нов настан пред крајот на годината.