Фото: Игор Бансколиев

Студентскиот отпор за правда на студентите денеска, во 17:30 часот пред Влада, организира студентски марш, по повод Меѓународниот ден на студентите, и воедно бара зголемување на субвенционираниот студентски оброк од 120 на 160 денари дневно. Тие ги повикуваат членовите на собраниската Комисија за финансирање и буџет, на денешната седница да ги прифатат амандманите кои се однесуваат за зголемување на износот на оброкот и продолжување на рокот, а не како што се предлага тој да биде до март-2023 година.

– Повторно ги повикуваме пратениците независно од која политичка партија се да ги прифатат амандманите на денешната седница на Комисијата за финансирање и буџет, кои се однесуваат на зголемување на износот на субвенционираниот студентски оброк на 160 денари и продолжување на рокот за субвенциониран студентски оброк, а не како што се предлага истиот да биде до март-2023 година. Доста е од тоа 30 години политичките елити да мислат само на себе и да се хранат со октоподи, бифтеци и друго, а да нема пари за македонскиот студент- велат од Студентскиот отпор за правда на студентите.

Потенцираат дека не смее да се дозволи да се штеди на младите луѓе.

– Потребно е и итно решавање на другите наши проблеми како што е: износот на стипендиите, мерките за штедење на електрична енергија и условите во студентските домови. Доста е од приказни за работни групи, планови, одбори и слично, кога студентите гладуваат и смрзнуваат – велат студентите.

Тие нагласуваат дека студентскиот стандард мора да се подобри.

Во идните академски граѓани гледаме двигатели на општеството и авангарда на промените кои треба да се случат за да можеме да одиме напред и да се интегрираме во европското семејство и воопшто во развиениот свет. И затоа ги поддржуваме, вложуваме во нив сега, создавајќи им услови и можности за што подобра едукација, за да можеме понатаму да очекуваме фидбек. Ова денеска го истакна министерот за образование и наука Јетон Шаќири.

Упатувајќи честитка до младите кои одлучиле академски да се образуваат и посакувајќи им успех во остварувањето на образовните и на животните цели, Шаќири рече дека за оваа Влада унапредувањето на студентскиот стандард е еден од врвните приоритети.

– Плански и со вклученост на засегнатите, на младите и студентите, воведуваме системски решенија, мерки и активности, создавајќи постојано нови образовни можности, подобрени услови за настава и нови облици на финансиска поддршка – рече Шаќири.

Тој истакна дека токму оваа владина гарнитура воведе неколку нови видови на стипендии кои во минатото не постоеја и тој тренд ќе продолжи и годинава. Дополнително, додаде Шаќири, износите на сите видови постојни стипендии од лани драстично се зголемени, некои дури и за над 80 отсто.

– Оваа Влада го воведе и субвенционираниот студентски оброк. И не постои никаква намера тој да биде укинат, туку напротив имаме за цел законското решение кое го регулира искористувањето на оваа мерка, да биде надградено, а во иднина износот да биде уште поголем од тој што сега се доделува на дневна основа и е во висина од 120 денари. Деновиве почнуваме дискусија со студентите за изнаоѓање на најдоброто системско решение кое ќе се применува од март или април следната година, а до тогаш ќе имаме исплата по постојните услови и тоа ретроактивно – нагласи Шаќири.