Техно
Во новата надградба за својот пребарувач Еџ, компанијата „Мајкрософт“ носи бесплатен ВПН (виртуелна приватна мрежа). Новата функција наречена Еџ секјур нетворк е всушност ВПН-услуга што моментално се тестира и ќе биде достапна за корисниците по доаѓањето на нова безбедносна надградба. Кога ќе биде вклучена, новата функција ќе го шифрира веб-сообраќајот на корисниците, така што давателите на интернет-услуги не можат да собираат податоци за пребарување што корисниците сакаат да ги задржат за себе.
Покрај тоа, Еџ секјур нетворк ќе им овозможи на корисниците да ја скријат својата локација со тоа што ќе им дозволи да „сурфаат“ на интернет користејќи виртуелна ај-пи адреса. Тоа, исто така, значи дека ќе можат да пристапат до содржина што инаку е блокирана во нивната земја.
Меѓутоа, постои и „услов“ во оваа бесплатна услуга, бидејќи количеството податоци е ограничено на еден гигабајт месечно, а корисниците мора да бидат најавени и на сметка на „Мајкрософт“ за да може компанијата, што е донекаде иронично, да го следи користењето на услугата. Од „Мајкрософт“ велат дека Клаудфеар ќе собира информации за безбедносни и дијагностички цели, но ќе ги отстранува трајно на секои 25 часа.
Еџ е еден од серијата пребарувачи што нудат некоја форма на ВПН-услуга. Опера исто така има бесплатен ВПН, но попопуларните прелистувачи како Мозила фаерфокс нудат само платена ВПН-услуга, а истото тоа важи и во случајот со Гугл хром.